Сахар Фарес, 24-годишна медицинска сестра, стана симбол на катастрофата која се случи во Бејрут. Сахар била со пожарникарите кои загинаа во експлозијата која се случи во вторникот, а нејзиниот вереник и семејство во четвртокот и приредија „свадба“ која никогаш нема да ја има.

Сè беше подготвено точно како што се треба за либанска свадба, но за жал, овој пат невестата беше во сандак. Музичарите во церемонијална златна облека свиреле додека пожарникарите го носеле белиот сандак кон мртовечницата, а членовите на нејзиното семејство фрлаа ливчиња од рози и ориз.

Нејзиниот вереник Гилберт Караан го носеле на рамена додека низ солзи се поздравувал со својата сакана.

„Сè што сакаше ќе биде испочитувано, само тебе те нема во бела венчаница. Ми го скрши срцето, љубов моја. Животот нема никаков вкус откако те нема“, напишал Караан на социјалните мрежи пред церемонијата.

Сарах му се јавила на својот вереник во вторникот за да му го покаже големиот пожар кој избил на пристаништето. Со оглед на тоа дека во тој момент никому не му била потребна медицинска помош, таа седела во пожарникарското возило следејќи ги колегите кои се бореле со пожарот.

Кога огнот се распалил, таа излегла од камионот со цел да му покаже на вереникот што се случува. Таа рекла дека се слушаат чудни звуци кои никогаш порано не ги слушнала. Вереникот ја замолил да се тргне на страна, што и сторила, но било предоцна. Последно што Гилберт го видел биле нејзините чевли додека барала засолнување. После тоа веднаш уследила експлозијата, пишува Њујорк Тајмс.

„Мојата убава невеста. Нашата венчавка требаше да се одржи на 6 јуни 2021 година. Наместо тоа ќе биде утре. Те сакав, те сакам и секогаш ќе те сакам, сѐ додека повторно не се сретнеме и го продолжиме нашето патување заедно“., напиша Гилберт.

Тага поради трагичната судбина на младата Сахар на социјалните мрежи ја изразиле луѓе од цел свет, нарекувајќи ја либанска невеста.