Медведев: И ЕУ има нуклеарни реактори: И таму може да се случи несреќа

22

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денеска упати прикриена закана до западните сојузници на Украина кои ја обвинија Русија дека создава ризик од нуклеарна катастрофа со стационирање сили околу украинската централа Запорожје. Украина ја обвини Русија дека врши напади врз украинските места во таа локација, знаејќи дека украинските сили не може да ризикуваат да возвратат. Русија, од друга страна ја обвинува Украина дека ја гранатирала централата. „Тие [Киев и неговите сојузници] велат дека тоа е Русија. Тоа е очигледно 100% глупост, дури и за глупавата русофобична јавност“, напиша Медведев, сега заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, на Телеграм, додавајќи: „Што да кажам? Да не заборавиме дека и Европската унија има нуклеарни централи. И таму може да се случат несреќи“.

Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН соопшти дека гранатирањето на Запорожје, најголемата европска нуклеарна централа, може да предизвика нуклеарна катастрофа. Киев и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повикаа на демилитаризирање на областа. Русија ја зазеде централата во Запорожје во март по инвазијата на Украина на 24 февруари, но локацијата сè уште ја управува нејзиниот украински персонал. Киев соопшти дека комплексот бил погоден пет пати во четвртокот, вклучително и во близина на местото каде што се чуваат радиоактивни материјали. Официјални претставници назначени од Русија изјавија дека Украина двапати ја гранатирала централата, објави руската државна новинска агенција ТАСС.