Медведев: Британските функционери кои и помагаат на Украина во војната се „легитимна воена цел“

115
EPA-EFE/EKATERINA SHTUKINA

Заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност, Дмитриј Медведев, денеска изјави дека Велика Британија е „вечен непријател“ на Москва и оти сите британски функционери кои и помагаат на Украина во војната може да се сметаат за легитимни воени цели.

Коментирајќи ја изјавата на британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли дека Украина има право да напаѓа цели на руска територија за самоодбрана, Медведев рече дека британските „глупави функционери“ треба да запомнат дека Британија може да биде „квалификувана како да е во војна“, пренесе Хина.

– Глупавите функционери на Обединетото Кралство, нашиот вечен непријател, треба да запомнат дека во рамките на универзално прифатеното меѓународно право кое го регулира модерното војување, вклучувајќи ги Хашките и Женевските конвенции со нивните дополнителни протоколи, нивната држава исто така може да се оквалификува како да е во војна, напиша Медведев на Твитер.

– Денес, Велика Британија дејствува како сојузник на Украина и обезбедува воена помош во форма на опрема и специјалисти, т.е. де факто води необјавена војна против Русија, напиша Медведев и додаде дека „на тој начин, секој од нејзините јавни функционери (без разлика дали се воени или цивилни, кои ја помагаат Украина во војната) може да се смета за легитимна воена цел“.