МБА: Учесниците на националниот Европски квиз на пари ќе се натпреваруваат од дома

33
Group of teenagers making different activities sitting in an urban area - Friends hanging out outdoors

Како и во другите европски земји, заради пандемијата на ковид-19, националниот натпревар на Европскиот квиз на пари  ќе се одржи на начин различен од претходно објавениот, извести Македонската банкарска асоцијација.

-Националниот натпревар во нашата земја ќе се одржи на 29 мај, во 12 часот на македонски јазик и во 13 часот на албански јазик. Секој учесник ќе се натпреварува индивидуално, од својот дом, преку електронската платформа. Право на учество во натпреварот имаат учениците од класовите пријавени од менторите на јавниот повик кој Македонската банкарска асоцијација го објави во јануари годинава, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, со поддршка од Министерството за финансии и од Министерството за образование и наука, информира МБА.

Прашањата на Европскиот квиз на пари ќе бидат со понудени одговори од кои само еден е точен, a освен точноста на одговорите ќе се вреднува и брзината на натпреварувачот при одговарањето.

Македонската банкарска асоцијација ќе ги награди учениците и менторите кои ќе освојат прво, второ и трето место на националното натпреварување.

Националниот натпревар на Европскиот квиз на пари во нашата земја се одржува по втор пат, во организација на Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност.

-Од исклучително голема важност е и во ваков период, кога корона-кризата влијае на економијата, и натаму да се вложува во финансиската едукација, заради што и Македонската банкарска асоцијација и сите институции коишто учествуваат и го поддржуваат одржувањето на Европскиот квиз на парите во нашата земја продолжуваат со своите активности во оваа сфера, велат од МБА.