Мбапе се претвора во Неимар

114

Килијан Мбапе одигра фантастично во 3. коло од групната фаза во Лигата на шампиони. Иако ги одигра само последните 40 минути од дуелот против екипата на Бриж, бомбардерот постигна хет-трик и запиша една асистенција, а ПСЖ запиша убедлив триумф од 5:0.

Поради најразлични повреди, Мбапе не беше во можност да биде дел од почетниот состав на сите три натпревари од групната фаза, но на крајот од натпреварот против Бриж изјави дека очекувал да биде во почетниот состав.

  • Сакав да го стартувам овој натпревар, размислував во таа насока. Сепак тренерот донесе поинаква одлука која морав да ја почитувам. Сакав да покажам дека на екипата не ѝ оди добро без мојата помош, изјави Мбапе.

Ваквата изјава на напаѓачот јавно беше осудена од легендарниот репрезентативец на Франција, Криштоф Дугари, кој моментално работи како аналитичар за една француска телевизија.

  • Мислам дека избрза со таквата изјава. Не сакам да бидам премногу строг со него, но не сакам Мбапе да ми го уништи сонот. Мислам дека се претвора во Неимар. Премногу се фокусира на себе, изјави Дугари.

Со трите погодоци против Бриж, Мбапе дојде до бројката од 15 погодоци во ЛШ и на тој начин стана најмладиот играч кој постигнал толкав број на погодоци во најпрестижното клупско натпреварување. Со 20 години и 306 дена, Мбапе го симна од првото место Лионел Меси.