Мбапе поставува нов рекорд

61

Раководните лица на актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Реал (М), одлучија дека мора да се направи ремонт на првиот тим поради можеби најлошата клупска сезона во последните 10 години.

Се трга по погрешната насока откако Кристијано Роналдо реши Мадрид да го замени со Торино, а тој проблем, челниците на „кралскиот клуб“ сакаат да го решат со ангажирање на брзоногиот напаѓач од редовите на старо-новиот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, Килиан Мбапе, пишува Франс Фудбал.

Шпанскиот гигант не ангажираше вистинска замена за најдобриот стрелец во клупската историја затоа што клупските челници беа убедени дека неговото заминување ќе го амортизираат Герет Бејл и Карим Бензема.

За разлика од Бензема, кој е можеби најдобриот играч на Реал (М) во актуелната сезона, Бејл е под постојана критика и никако не може да ги оправда 100 мил. евра кои беа инвестирани во неговото обесштетување.

Мбапе, кој беше купен од Монако за 135 мил. евра, можно е да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“ за вртоглави 280.5 мил. евра. Таквите најави за рекорден трансфер се под знак прашалник ако се знае дека „кралскиот клуб“ сака да ги осигура и услугите на белгискиот интернационалец од редовите на лондонскиот премиерлигаш Челзи, кој е проценет на 100 мил. евра.