Мбапе го стави ПСЖ во шах-мат позиција

139

Раководните лица на актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, никако да дигнат глава од проблемите кои ги имаат со најголемите ѕвезди. До пред некој месец, популарните „светци“ беа во центарот на фудбалската јавност поради желбата на најскапиот фудбалер, Неимар, да се врати во редовите на каталонскиот гигант Барселона. Откако се реши тој проблем, Бразилецот донесе одлука дека сака да остане на „Паркот на принцовите“, на сцената се појави Килијан Мбапе.

Најдобриот млад фудбалер за 2020 година има договор со ПСЖ до 2022 година, но се погласни се шпекулациите дека сака да си замине од Париз и да потпише за шпанскиот гигант Реал (М). Клупските челници веќе со месеци се обидуваат да потпишат нов договор, но ако тоа не се случи до почетокот на летниот преоден рок, ПСЖ ќе биде принуден да го продаде младиот напаѓач.

  • Во моментов преговараме со клубот. Ако го продолжам договорот, тоа ќе биде на долг рок. Ќе донесам одлука наскоро, но ако потпишам нов договор, тоа ќе биде само затоа што сакам да останам тука повеќе години. Разговаравме за спортскиот проект со клубот, бидејќи тоа е многу важно при донесување одлука на долг рок, изјави Мбапе по првенствениот дуел против Монпеље на кој постигна два гола.

Репрезентативецот на Франција додаде дека му треба уште малку време за да направи анализа на целата ситуација и конечно да донесе финална одлука кога е во прашање неговата клупска иднина.

  • Јас сум многу среќен тука, навивачите, луѓето во клубот, соиграчите … сите ме сакаат и поддржуваат. Но, морам да размислувам што сакам во наредните години и во моментов сум во фаза на анализа на целата ситуација. Да имав донесено одлука, ќе кажев денес. Потребно ми е време, додаде Мбапе.

Шпанските медиуми веќе на големо пишуваат дека Реал (М) планира продажба на неколку фудбалери за време на летниот преоден рок, а парите кои ќе бидат заработени од нивната продажба, треба да бидат околу 150 мил. евра, ќе бидат искористени за купување на Килијан Мбапе.