Ма каква Германија, животот е во Македонија

17426

 Животот е тука, бидејќи јас сум од Германија и пораснав со многу правила, правила…, а тука научив да уживам во животот, бидејќи сите ние имаме само еден живот. Но, кога работам давам триста проценти од себе, но мора да кажам дека убаво е кога можам и да си дозволам да уживам во животот. Во Германија луѓето забораваат да живеат, да уживаат во животот. Исто така многу ми се допаѓа што сте горди на тоа што сте Македонци, а тоа најмногу се гледа на натпреварите кога игра репрезентацијата

Додека многумина Македонци одат во Германија за подобар живот и подобра заработувачка, таа одлучи да остане тука и да почне тренерската кариера. Станува збор за поранешната ракометарка на ЖРК Вардар, Германката Ања Алтхаус, која по завршувањето на играчката кариера одлучи да остане во нашата земја како тренер.

До неодамна беше дел од стручниот штаб на РК Скопје, а сега доби улога на помошник-тренер на селекторот на репрезентација на плажа, Златко Мојсовски.

Во својата кариера освои три титули во Лигата на шампионите (две со Виборг и една со Ѓер), а со Вардар стигна до финалето во 2017 година, но загубија минимално (30:31) од Ѓер.

Германката, која играше на пикерската позиција во редовите на „црвено-црните“, во интервју за весникот ВЕЧЕР, откри зошто одлучила да остане во Македонија, дека многу ѝ се допаѓа македонскиот менталитет, ни потврди дека е во среќна љубовна врска со македонскиот ракометен репрезентативец Томислав Јагуриновски, но и дека Велигден последен пат го прославила кога имала шест години.

Зошто по завршувањето на кариерата одлучивте да останете во Македонија?

Причината поради која се вратив во Македонија беше мојот приватен живот. Но, пред 2,5 години ситуацијата во мојот приватен живот се промени. Имав желба да започнам одново и да се вратам во Германија или во друга земја, но јас одлучив да останам овде. Затоа што ова стана мојот дом и сакам да живеам тука.

До неодамна работевте во РК Скопје, но пред неколку дена добивте улога и како помошник на селекторот на репрезентацијата на плажа. Колку сте задоволна од овој ангажман?

Повеќе не сум дел од клубот РК Скопје, одлучивме да се разделиме, но на сите во клубот им посакувам многу среќа во останатиот дел од сезоната. Едноставно, не најдовме заеднички јазик и затоа одлучивме дека е најдобро да се разделиме. Но, среќна сум што ја почнувам мојата тренерска кариера. Морам да кажам дека сум личност која истражува и учи и по завршување на кариерата. Затоа се обидувам да си го најдам патот надвор од теренот, но повторно да биде поврзан со ракометот. Среќна сум што сум дел од репрезентацијата за ракомет на плажа, што за мене е многу добар спорт. Една година работев со ракометот на плажа и знам многу за овој спорт. Ја ценам дадената шанса и гледам дека во Македонија овој спорт има потенцијал, а јас имам многу идеи во мојата глава. Затоа гледам и нова шанса за оваа земја да обезбеди учество на Олимписките игри, бидејќи овој спорт наскоро ќе биде вклучен во олимписката програма. Навистина сите треба да ја видат големата шанса преку овој спорт да се учествува на Олимписките игри. Моментно не чувствуваме притисок, но е голема шанса за земјата да го развие ракометот на повисоко ниво.

Според Вас на кое ниво е македонскиот ракомет?

Прво мислам дека на македонскиот ракомет му треба подобар систем и развивање на талентите, бидејќи Македонија има многу таленти и тоа е за респект. Многумина имаат желба да станат големи играчи, но треба да креираме подобар систем и да им овозможиме на талентите да станат подобри играчи. Сите треба да донесат заедничка одлука, тренерите и сите што се вклучени во ракометот за да се подигне на повисоко ниво. Јас кога зборувам со тренерите во Германија, заклучуваме дека имаме добар систем и услови, но немаме толку многу таленти, ние се бориме за таленти. Но, тука има таленти на кои треба да им се дадат поголеми шанси за да напредуваат. Знам дека во спортот многу зависи и од политиката, но јас ја гледам големата слика и сакам да помогнам и да креирам нешто што ќе се движи по патот по кој јас одев. Затоа се трудам луѓето да го разберат тоа. Ако јас се прашувам, ракометот тука не е на нивото на кое е во мојата глава и на кое јас сакам да биде. На последните натпревари на македонската репрезентација видов дека има потенцијал, но недостасуваат детали, бидејќи деталите се многу важни. Но, во македонскиот ракомет некои детали не се доволно добри, но гледам дека има потенцијал да бидат на повисоко ниво.

За влакно не успеавте да ја освоите ЛШ со Вардар?

Многу ми е мака што не успеавме да ја дoнесеме титулата од ЛШ во Македонија. Навистина многу го респектирав клубот откако дојдов тука. Многу сакав да ја донесам таа титула во Македонија. Во мојата кариера не секогаш работите се одвиваа како што сакав, во Вардар дојдов да ја освојам титулата во Лигата на шампионите. Во тоа финале бевме многу блиску до титулата, дури и ја држевме со едната рака во еден момент, но веќе во следниот сè се промени, едноставно ја испуштивме и затоа бевме многу тажни. Тоа беше навистина импресивно финале и голема реклама за македонскиот женски ракомет. Навистина ми е многу жал што не успеавме да ја донесеме титулата во Македонија.

Зошто откако најавивте крај на кариерата во 2017 година се премисливте и потпишавте за Ѓер?

Некогаш во животот се наоѓаш во ситуација да завршиш нешто и не знаеш што е следно. Во тоа време додека бев во Вардар добив многу понуди, но тоа сè беа нови проекти, а Вардар беше еден од клубовите на врвот, а само Ѓер беше над него. Во тој момент од мојата кариера не сакав да бидам дел од некој нов проект и сакав да останам во Вардар, но клубот имаше други планови и увидов дека клубот не ме сака и решив да ја прекинам соработката. Две недели потоа добив понуда од Ѓер, но не бев сигурна, не знаев дали ќе можам да го дадам максимумот во клубот, бидејќи во Унгарија требаше да играм во силна лига, купови и Лига на шампиони. Едноставно не бев сигурна дека моето тело ќе го издржи тоа. Но, на крајот животот ми даде нешто добро и бев многу среќна, не заради титулата ,туку затоа што добив шанса да бидам во добар клуб и затоа што ја завршив кариерата како што посакував. Едноставно за ништо немаме гаранција во животот, затоа што денеска може да завршите со нешто и утре да добиете нова шанса, но и да излезеш глупав ако не ја искористиш.

Веќе долго време сте во Македонија, може ли да ни кажете што најмногу Ви остави впечаток.

Животот е тука, бидејќи јас сум од Германија и пораснав со многу правила, правила…, а тука научив да уживам во животот, бидејќи сите ние имаме само еден живот. Но, кога работам давам триста проценти од себе, но мора да кажам дека убаво е кога можам и да си дозволам да уживам во животот. Во Германија луѓето забораваат да живеат, да уживаат во животот. Исто така многу ми се допаѓа што сте горди на тоа што сте Македонци, а тоа најмногу се гледа на натпреварите кога игра репрезентацијата. Во Германија го нема тоа. Но, јас сметам дека каде и да живееш ќе има позитивни и негативни работи во општеството. Јас имам живеено и во Данска и во Германија и видов дека и таму има минус во системот, а исто така и тука има многу позитивни, но и негативни работи.

Како Ви се допаѓа македонската кујна, кој е Вашиот омилен специјалитет?

На ниедно место не сум јадела толку добра храна како тука, особено специјалитетите од традиционалната кујна. Го сакам летото, бидејќи имате многу убава и свежа храна. Кога одам во Германија, многу ми недостасува овдешната храна и рестораните во кои најчесто сум на ручек или вечера. Мислам дека тука има поинаква атмосфера, овде е нормално да се оди и да се јаде во кафеана, имате поинаков животен стил. Луѓето кои живеат во Германија ме разбираат што сакам да кажам. Можам да кажам пример, јас одам дома и среде недела во девет часот им велам на моите родители дека ќе излезам да јадам нешто надвор, а тие ми враќаат каде, па ништо не работи и веќе сум свесна дека сум дома. Многу е поинаку кога живееш во голем град како Берлин, но во мојот град сè е затворено. Тука е нормално да се седи на сонце по цел ден и да се пие кафе. Кога моите родители беа тука и излеговме надвор да се прошетаме ме прашаа дали луѓето тука работат?

Во овој период католиците и православните го слават Христовото воскресение – Велигден. Дали Вие се придржувате до традицијата со вапсување јајца?

Не, дури и заборавив дека е Велигден, зборував со моите родители и тие ме потсетија дека е празник. Целиот мој живот не сум дома за празници, играм ракомет од многу мала. Мојот прв договор го потпишав кога имав 16 години и од тогаш не сум славела ниеден празник, во текот на мојата кариера никогаш не сум била дел од прославите на моето семејство. Никогаш не сум успеала да одговорам на поканите за прослави на празници, свадби… , бидејќи секогаш сум била некаде надвор и сум имала натпревари со клубовите за кои сум играла. Немав време за славење на Велигден, па ако треба да одговорам кога последен пат сум го прославила овој празник, ќе кажам најверојатно на шест години.

Неодамна бевте забележани во романтична атмосфера со македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски, од кога сте заедно?

Ние сме подолго време заедно, но очигледно сега стана голема работа. Не сакам да се зборува многу за мојот приватен живот, но луѓето сакаат да зборуваат многу за тоа. Меѓутоа нешто најважно сега е тоа што јас сум среќна и Томи е среќен. Ние одлично се согласуваме и што можам да кажам освен дека сме среќни, а и сите го видоа тоа на фотографијата што излезе во јавноста. Изминатите две години не беа лесни за мене, бев сингл и сега сум пресреќна што Томи влезе во мојот живот.

 

Славе ТАСЕВСКИ

Фото: Ѕ. Плавевски