На зелените пазари граѓаните купуваат само компир и кромид, за ајвар годинава нема пари

На зелените пазари раздвижено се купува за дома и за зимница, но претежно се купуваат неопходните производи кои се користат секојдневно. Полуксузните и поскапите видови на овошје како круши, цреши, малини, капини, кајсии поретко се купуваат. Сепак не е како лани, прометот е многу опаднат. Голем дел од граѓаните поради короната сè уште се плашат да купуваат на пазар, а и немаат пари, па купуваат само основни основни намирници како компир, кромид, грав...

387

Започна сезоната за подготовка на зимница. На зелените пазари голема раздвиженост, овошје и зеленчук има во изобилство, а цените малку повисоки од лани. Но, тоа не ги спречи граѓаните да појдат на пазар и да си купат тазе намирници за дома и за подготовка на зимница, џем, слатко, компот и секако за омилениот зимски специјалитет ајварот. Голем дел од нив велат дека последниве години сè помалку прават зимници, а и годинава поради корона-кризата велат дека финансиски се истрошени и немаат пари за зимница.

-Секоја година правам по 15 тегли ајвар, по неколку тегли малиџано, лутеница, џем и слатко. Но годинава нема пари одеднаш да купам сè за да направам зимница. Секако дека домашно си е домашно, повкусно е, а и знаеш што си ставил, но годинава ќе прескокнеме и ќе купиме неколку тегли готов од маркет, вели Јагода од Скопје.

И другите купувачи се со слично мислење. Велат дека поради кризата не можат да си дозволат одеднаш да купат поголемо количество пипер, патлиџан и овошје за подготовка на зимница. Но има и такви за кои домашната зимница е незаменлива и традиционално секоја година си ја подготвуваат, но годинава во помали количества.

-Секоја година правам зимница, а оваа планирам да направам ама помалку. Сè е поскапено, а и нема пари. Досега речиси да не се случило да прескокнам некоја година и да немам домашен ајвар, па и годинава ќе направам само неколку тегли колку да има за почеток. Ајварот најмногу го јадеме и затоа мора да има, а за  друго ќе видиме, вели една купувачка на пазар.

Аце од скопско Трубарево, кој држи тезга на Зелен пазар, вели дека е многу раздвижено и секој ден има купувачи. Почна сезоната за подготовка на зимница и луѓето почнаа да купуваат поголеми количества за разлика од април и мај кога поради карантинот речиси и да немаше купувачи.

-Сега е сезона и има повеќе овошје и зеленчук. Се купува за дома и за зимница, но претежно се купуваат неопходните производи кои се користат секојдневно. Полуксузните и поскапите видови на овошје како круши, цреши, малини, капини, кајсии поретко се купуваат. Сепак не е како лани, прометот е многу опаднат. Голем дел од граѓаните поради короната сè уште се плашат да купуваат на пазар, а и немаат пари па купуваат само основни работи како компир, грав, кромид…, вели Аце.

Инаку, моменталната цена на „ајварката“, на пазарите на големо е 30 денари, а на зелените пазари се продава од 25 до 50 денари за килограм. Цената на доматите кои оваа година послабо ги има, е нешто повисока од лани. Црвените домати се продаваат по 30 денари, а розевите по 50 денари за килограм. Модриот патлиџан се продава по 10 денари парче, морковот 30 денари килограм, сливите од 20 до 30 денари, јаболките „ајдаред“ 40 денари, а праските се поскапени и стигнуваат и до 50 денари за килограм.

(А.С.)