Мајка и ќерка гризет и драпат низ Охридон!

Вистинска драма се одвивала во средата, во Охрид, откако пред црквата Свети Никола во Долна Влашка Маала, близу Охридати, две Корејки напаѓале минувачи, а потоа се нафрлиле и врз полициски екипи кои на настанот пристигнале со две комбиња. -После ко дојде полиција, се фатија со нив. Нив ги напаѓаа, се фрлија да ги драпат, да ги гребат со нокти, таа едната како да почна да го гризи на полицаецот. Овие нашиве почнаа да се борат со нив. Буквално, полицајците се бореа со жените, едвај ги напикаа во комбето и ги однесоа, раскажува очевидец за Охрид1, на чист охридски дијалект, за оваа несекојдневна случка која го крена Охрид на нозе

857

Вистинска драма се одвивала во средата, во Охрид, откако пред црквата Свети Никола во Долна Влашка Маала, близу Охридати, две Корејки напаѓале минувачи, а потоа се нафрлиле и врз полициски екипи кои на настанот пристигнале со две комбиња. Како на филм, агресивните жени врескале по минувачите, ги прскале со непозната течност, извадиле дури и ножиња, а мавтале и со метли. Неофицијално, двете жени припаѓале на некоја секта и пред црквата изведувале религиозни обреди.

Охридската полиција го потврди настанот и информираше дека двете државјанки на Јужна Кореа ќе бидат екстрадирани по брза постапка.

-На 28. 9. 2022 година околу 15:30 часот, во СВР Охрид лишени од слобода се К.М. (20) и К.Л. (50), двете од Јужна Кореа. Тие, претходно на улицата „Партизанска“ во Охрид, манифестирале агресивно и непристојно однесување, а потоа се обиделе физички да ги нападнат полициските службеници. Во консултации со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа за весникот ВЕЧЕР од СВР Охрид.

Инаку, драмата најпластично ја пренесе порталот Охрид1, кој пренесе изјави на очевидци.

– Цели беа облечени во црно. Прскаа со вода од шишиња, трчаа по луѓето, викаа гласно… Урлаа. После како да правеа некој ритуали, нешто како да кажуваа молитви и прскаа со вода или некаква течност, не знаеме точно што беше, изјави за порталот очевидец на настанот.

Друга охриѓанка посведочила дека двете жени во сокачето покрај црквата ги нападнале со нешто како виљушка или џебно ноже. „Бегавме околу 100 метри, додека со тоа ножето трчаа по нас“.

Ситуацијата кулминирала кога дошле полицајците. Корејките не само што одбиле да се идентификуваат и да покажат лични документи, туку ги нападнале со ножињата, а извадиле и метли. Принудени да применат сила, полицајците ги совладале жените и ги ставиле во полициско комбе.

-После ко дојде полиција, се фатија со нив. Нив ги напаѓаа, се фрлија да ги драпат, да ги гребат со нокти, таа едната како да почна да го гризи на полицаецот. Овие нашиве почнаа да се борат со нив. Буквално, полицајците се бореа со жените, едвај ги напикаа во комбето и ги однесоа, раскажува очевидец за Охрид1 на чист охридски дијалект.

Порталот пренесува дека неофицијално се работи за мајка и ќерка, државјанки на Јужна Кореја, кои престојувале во Охрид, сместени во приватни апартмани на улица „Партизанска“.

Како што дознава весникот ВЕЧЕР, двете жени неколку дена престојувале во Охрид, во сместување кое го букирале преку „Ербиенби“. Но, и сопствениците на станот имале проблем со двете жени, па се пожалиле на онлајн-платформата за изнајмување соби за престој. Двете жени се во притвор. (П.Ч.)