Мајката на Боки 13 треба да бира: државната функција или сопругот!

351


Агенцијата за медиуми ќе поведе постапка против „1ТВ“ бидејќи беше обелоденето дека мајката Боки 13, добила државна функција како член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. Јасминка Јовановска на оваа позиција беше назначена во петокот со гласање на седница на Собранието. Медиумите пренесоа дека препораката за Јовановска дошла лично од Александар Кирацоски, генерален секретар на СДСМ и пратеник во Собранието.

Според член 38 од Законот за аудио и аудиовизуелните медиуми, „политички партии, државни органи, јавни претпријатија, носители на јавни функции и членовите на нивните семејства не може да вршат радиодифузна дејност, ниту да бидат основачи, соосновачи или да добиваат учество во сопственоста на радиодифузерите“.

Во случајот сопственик на телевизијата „1ТВ“, според податоците од Централниот регистар, е фирмата „БМЈ медија груп“, а директор е Јасна Мандиќ. Сопственици на „БМЈ медија груп“ се Јасна Мандиќ и таткото на Боки 13, Миле Јовановски. Во овој случај или Јовановски како сопруг на Јасминка Јовановска треба да се откаже од сопствеништвото во телевизијата или таа да се откаже од јавната функција. Постапката против „1ТВ“ ќе се отвори на седница на Советот на Агенцијата за медиуми в петок.

Според биографијата поднесена во Собранието, Јовановска работела како правник во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје. Од 1998 година е вработена во Министерство за труд и социјална политика на работно место раководител на секторот за социјална заштита.

Според Законот за слободен пристап до информации, членовите на оваа комисија се бираат на предлог на Владата.