„Ние чекаме сега да видиме какви ќе бидат протоколите. Она што е важно за публиката е дека ќе мора да се носат маски, ќе има мерење на температура на влез, дезинфекција, електронско купување на билети. При стоечки концерти ќе нема групирање и ќе има контроли кои сето ова ќе го контролираат… Ќе се почне со помали концерти и многу внимателно. Тука се и други настани, семинари, симпозиуми, театарски претстави…“, вели за весникот ВЕЧЕР Маја Бабиќ, долгогодишен менаџер за настани и претседател на ИВАП – Асоцијација на Ивент индустријата, по одобрување на Комисијата за заразни болести за одржување на јавни настани

 

“Јавните настани ќе бидат безбедни, само ако ги почитуваме предвидените протоколи, а ние како компании сме многу одговорни и претпазливи бидејќи никој од нас не сака да организира настан на кој луѓето би се заразиле или би се случил дополнителен проблем“, истакна за весникот ВЕЧЕР Маја Бабиќ долгогодишен менаџер за настани и претседател на ИВАП – Асоцијација на Ивент индустријата во која членуваат 40 компании. Ова здружение заедно со Здружението не културни промотори и Иницијативата “Музика сега“, во изминатиот период водеше интензивни преговори со Владата за можностите и условите под кои би отпочнало одржување на јавни настани, што резултираше со препорака од страна на Комисијата за заразни болести до Владата да се одобри одржување на јавни настани, собири и музички концерти, но според утврдени протоколи.

“Ние чекаме сега да видиме какви ќе бидат протоколите. Здружението ИВАП и двете групи предложија свои протоколи кои се слични и во многу точки се поклопуваат, но заради различни настани имаше и различни предлози. Што од тоа комисијата прифатила како еден протокол, ние сè уште не знаеме. Она што го имаме како информација е препораката на Комисијата која на Владата треба да се разгледа и одобри. Затоа ќе ја почекаме и одлуката на Владата за да го видиме официјалниот протокол по кој би се одвивале настаните. Ние како Здруженија разговаравме меѓу себе, се координиравме, и генерално баравме да се најдат начини да се дозволи и оваа индустрија да почне да работи под некакви услови, бидејќи четири месеци е навистина неиздржливо да се седи дома затворен, а притоа гледаме дека речиси сите веќе работат“, додава Бабиќ.

На нашето прашање што всушност би содржел протоколот кој се очекува од страна на надлежните институции, Бабиќ посочува:

“Ги консултиравме сите препораки и сите протоколи до кои успеавме да дојдеме од Светска здравствена организација од регионот и светот. Сите се на иста линија дека мора да се носат маски, да се следи контрола при влез и излез на публиката. Значи електронско купување на билети, намален капацитет за да не се создаваат гужви. Исто така има протоколи кои се однесуваат и на организаторите во однос на тоа како да работиме…

Она што е важно за публиката е дека ќе мора да се носат маски, ќе има мерење на температура на влез, дезинфекција, при стоечки концерти ќе нема групирање и ќе има контроли кои сето ова ќе го контролираат… Ќе се почне со помали концерти и многу внимателно. Тука се и други настани, семинари, симпозиуми, театарски претстави… Но, сигурно ќе помине уште 15 до 20 дена додека организираме концерт, што значи нема да започнат од утре“, додава Бабиќ.

Таа исто така истакнува дека ќе се апелира на совеста на секоја индивидуа, а тие како организатор ќе влијаат на јавноста.

“Бидејќи нашите концерти и настани се јавни, ние комуницираме со јавноста, а  кога ќе ги рекламираме нашите настани многу ќе апелираме на почитување на мерките. Така ќе придонесуваме и за подигнување на свеста на луѓето, бидејќи факт е дека ништо повеќе нема да биде исто“, истакнува Бабиќ. (Д.Т.)