МОН соопшти дека матурантите ќе полагаат според утврдената концепција за матурски испит, која не може сега да се менува, а дека евентуални измени би можело да има од наредната учебна година. Ставот на МОН е дека треба да се полагаат четири предмети, но за да им се излезе во пресрет на барањата на средношколците намален е обемот на материјалот кој треба да се учи за државната матура

По тринеделниот зимски распуст, започна второто полугодие со бојкот на наставата на дел од матурантите кои бараат да полагаат два наместо четири предмети од државната матура. Тие не се вклучија во онлајн наставата на првиот ден од второто полугодие со што се приклучија на повикот на Средношколскиот сојуз кој побара од МОН намалување на бројот на предмети за државна матура, односно матурантите да полагаат мајчин јазик и еден предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира. Претседателот на Средношколскиот сојуз Бленди Ходаи изјави дека според известувањата од нивни ограноци, бојкот има во средни училишта во 20 градови, вклучително и во Скопје, а онаму каде што не почнал е зашто не биле известени и дека и тие ќе бојкотираат. „Првата недела планираме бојкот, а потоа ќе одлучиме дали ќе имаме протест или друга активност за да се прифатат нашите барања“, изјави Ходаи. Средношколски глас, пак, собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека Средношколски сојуз не е за целосно укинување на матурата.

МОН соопшти дека матурантите ќе полагаат според утврдената концепција за матурски испит, која не може сега да се менува, а дека евентуални измени би можело да има од наредната учебна година. Ставот на МОН е дека треба да се полагаат четири предмети, но за да им се излезе во пресрет на барањата на средношколците намален е обемот на материјалот кој треба да се учи за државната матура. Според директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска, тие им излегле во пресрет на средношколците со тоа што ги скратиле испитните содржини за државниот испит. „Ние имаме повратни информации дека околу 14-15 илјади матуранти веќе редовно и регуларно се пријавиле за полагање на државна матура согласно концепцијата и правилникот за полагање државна матура“, рече Наумовска.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, пак, оваа година сите што сакаат да се запишат во високо образование ќе мораат да го полагаат матурскиот испит. Tаа во однос на бојкотот рече дека тоа се мали групи кои искажуваат мал револт. „Тоа е нивно легитимно право, но важно е да се знае дека речиси сите имаат пријавено полагање на матура. Една гимназија во Скопје има поорганизирано дејствување во однос на бојкотот, сите други се изолирани мали групи“, изјави Царовска. Инаку, Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни 2021.

Министерката Царовска денес на стартот на второто полугодие го посети Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје каде наставата се одвива со физичко присуство и е прилагодена на практичната настава на учениците. Царовска на состанокот со директорот на училиштето Филип Фидановски истакна дека МОН, според препораките на Комисијата за заразни болести, ги обезбедило сите услови за непречена реализација на наставата во време на пандемија. „Веќе воспоставениот хибриден модел од првото полугодие се покажа како успешен и наставата продолжува по истиот модел. На овој начин се обезбедува континуитет на наставата во второто полугодие по веќе воспоставениот успешен модел од првото полугодие што е во интерес и на учениците и на наставниците и на јавното здравје“, соопштија од МОН.

Ова го потврди и министерката Царовска во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР посочувајќи дека хибридниот модел на настава: онлајн, со физичко присуство од 1-3 одделение и со следење на часови преку ТВ во првото полугодие дал одлични резултати.

Инаку, на 20 јануари заврши периодот на доставување на коментарите по електронска пошта за предложената нацрт-концепција за основно образование од МОН. Како што посочува Царовска, најголем дел од коментарите се однесуваат на тоа дека треба да се забави со реформите. „Секако сметаме дека се движиме полека, затоа што имплементирањето на оваа концепција според она што го предлагаме ќе се случува во наредните 6 години. Односно влегуваме само во прво и во четврто одделение во наредната година и сукцесивно ќе се додава година по година и тоа е најблагиот пристап кој го преземаме во воведување на реформите“, рече Царовска посочувајќи дека директорите на училиштата дале целосна поддршка на спроведувањето на реформите со цел освежување на системот за образование, но и можност за квалитетна обука на наставниот кадар и осовременување на наставните програми што е неопходно за добри резултати.

 Наташа Илиевска-Таневски