Матурантите го полагаат вториот екстерен испит

24

Матурантите денеска од 10 часот го полагаат вториот екстерен испит за кој можеа да избираат меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија и естетика.

Според податоците на Државниот испитен центар, тест по математика избрале 1529 кандидати. Како и во минатите години, повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13 452). Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.

Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образивание и има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование и се пријавени 66 кандидати).

Според наставниот јазик, на македонски за испитот денеска се пријавени да полагаат 10 886 матуранти, на албански 4134 и на турски наставен јазик 274.

Првиот екстерен испит  – мајчин јазик, го полагаа во саботата. Тој беше задолжителен за сите 15 294 кандидати колку што се пријавени за матурата во оваа учебна година (македонски јазик и литература 10 848, албански јазик и литература 4078 и  турски јазик и литература  272).

Од вкупно пријавените над 15 000 кандидати, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.

Резултатите од двата екстерни испита ќе бидат објавени на почетокот на јули, односно најдоцна 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит.

За матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни имаат коронавирус или се во изолација, овозможени се дополнителни термини за полагање на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии.

По тестовите од екстерните, матурантите до крајот на месецов ќе ги полагаат и двата интерни испита во училиштата, а покрај нив имаа и обврска за изработка на проектна задача која, според календарот, се реализираше од 15 март до 30 април.

Матурантите што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот екстерен и 13 август за вториот екстерен испит.