Триесет илјади матуранти од 70 градa на десет земји од Југоисточна Европа, в петок, точно напладне ќе учествуваат на матурската парада со танцување на квадрил и играње на салса. Меѓу нив е и нашата земја која овој настан ќе го организира на плоштадот „Македонија“ во Скопје по 13. пат.

– Ова е најубава манифестација во текот на целата година која ја поддржуваат Град Скопје и Агенцијата за млади и спорт. Покрај скопските матуранти ќе учествуваат и нивните врсници од Струга, Охрид, Гевгелија, Струмица и Валандово. Разочарани сме што не добивме поддршка од поголемите градови како Битола, Штип и Куманово, бидејќи идејата не е само да се танцува туку матурантите да се дружат и да ја почувствуваат припадноста кон една поширока заедница – рече Никола Глигоров, директор на Директоратот за уметност и култура.

Собирањето на матурантите на плоштад е од 9 до 10 часот каде ќе им бидат поделени маиците – во бојата на ЕУ за машките и жолти за женските, како и чадорите за изведба на квадрилот. Во 11:45 минути на матурантите ќе им се обрати градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, по што ќе ја кажат изјавата за ненасилство. Точно напладне ќе почне танцувањето на квадрилот на музика која ќе биде пуштена директно од Радио Словенија интернационал. А по одигрување на салсата, матурантите, нивните наставници и родители, како и присутните ќе ги забавуваат рок-група и една пејачка.

– Нашите инструктори цело второ полугодие работеа со матурантите од 22 средни училишта, вклучително и музичкото училиште во Скопје, но и она за посебни потреби „Св. Наум Охридски“, со цел и тие да се почуствуваат дека се дел од ова општество. За да не отсуствуваат од редовната настава, вежбавме на часовите по физичко. Сметам дека матурантите научија да го танцуваат квадрилот и очекувам тоа да го покажат на парадата. Горд сум бидејќи и јас се почувствував како матурант – изјави Тодор Миладинов од „Ритам плус“.

За Даниела Захариева од Град Скопје, парадата на матурантите е најрадосниот настан во годината на подрачјето на главниот град.

– Се случува парада на младоста, позитивната енергија и оптимизмот. Младите знаат да ја пренесат таа магија на граѓаните на Скопје – рече Захариева и најави дека освен парадата ќе се случи и средба на најдобрите матуранти и првенци на генерација со градоначалникот Шилегов.

(С.Бл.)