Матера – уникатен град во кој се живее во камени куќи стари 9.000 години

470

Матера ја стекна светската слава токму поради локалитетот Саси ди Матера (карпите на Матера), чии најстари делови потекнуваат уште од праисторијата, затоа се смета за најстаро човечко живеалиште во Италија. Поради нетипичен и воедно убав изглед, Матера бил центар на случувањата во многу филмски остварувања. Тука се снимени и познатите филмови “Евангелие по Матеј” на Пјер Пацолини и “Страдањето на Исус” на Мел Гибсон…

Матера – градот на камените куќи во италијанската област Базиликата, стар 9.000 години, во 2019 ќе биде центар на културните случувања во Европа. Јужниот италијански град лоциран на 400 метри надморска височина и населен со над 60.000 лица, е уникатна комбинација на културна традиција и цивилизација, која датира уште од епохата на неолитот. Врежан во карпест рид, денес е едно од најатрактивните места во Италија. Како резултат на неговата древна историја градот има неверојатен број уметнички и културни содржини.

Матера со своите особености во изборот ги надмина квалитетите на италијанските градови Равена, Перуџа, Асизи, Каљари и Сиена, а од 1993 година, ова гратче е ставено на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.

Интересно е што многу од мештаните живеат во куќите на своите предци кои се направени пред повеќе од 9.000 година. Сите овие особености се и причината тој да биде прогласен за Европска престолнина на културата, титула која во 2019 ќе ја дели со бугарскиот град Пловдив.

Интересна и бурна историја
Матера е град кој има многу интересна и бурна историја. Според некои претпоставки ја основале Римјани околу 3 век пр.н.е. и го нарекле – Матхеола по конзулот Луциј Цецилиј Метел. Она што е сигурно е дека Матера ја заземале Лангобарди, како и целата Јужна Италија во 664 година, по што преминала во состав на војводството Беневенто, а потоа и во состав на кнежевството Салерно.

Матера била заземена и од Нормани, со што станала дел на Неаполското кралство со кое владееле шпански Арагонци. Тие како феуд ја дале на семејството Трамонтано, но на почеток на 16 век Матерани се побуниле и го убиле грофот Џовани Карл Трамортан. Неаполските кралеви ја доделиле Матера како посед на римското семејство Орсини, кое владеело со градот од 17 век до укинувањето на феудализмот кон почетокот на 19 век.
За време на Втората светска војна, пак, на 21 септември 1943 година, граѓаните на Матера кренале востание против германските окупаторски власти, и така станале прв италијански град во борбата против Вермахт, армискитесили на нацистичка Германија.

Некогаш град на зарази
Иако пештерите изгледаат живописно, животот во нив воопшто не бил лесен. До пред крај на минатиот век во нив немало проточна вода, ниту канализација. Во текот на изминатите векови, жителите на Матера го користеле секој камен за да направат уште поголем простор и повеќе пештери за се побројното население, но им недостигале продавници за да се снабдат со основните продукти. Семејствата живееле заедно со животните, па заразите биле многу чести. По Втората светска војна жителите на пештерите неволно морале да ги напуштат своите оштетени домови и да се преселат во помодерните куќи во Матера…
Новиот дел од Матера, пак, изграден е како и сите останати модерни градови во светот, со потполно ординарни градби.

Локалитет Саси ди Матера и 150 пештерски цркви
Матера ја стекна светската слава токму поради локалитетот Саси ди Матера (карпите на Матера), чии најстари делови потекнуваат уште од праисторијата, затоа се смета за најстаро човечко живеалиште во Италија. Во тој дел од градот кој се простира на карпестите падини од кањонот, уште од праисторијата постои обичај неговите жители да ги вдлабнуваат своите живелишта во карпите, оставајќи само еден отвор како влез.

Инаку, Саса ди Матера се состои од повеќе квартови: Барисано, Кавеосо, Сивита и Мургиа Матера, а бројните куќи во нив се всушност само пештери. Уличките пак, во некои делови водат преку рамните покриви на соседните куќи.

Покрај локалитетот Саси ди Матера, најзначајни споменици на ова гратче се катедрала Мадона дела Бруна, изградена меѓу 1268 – 1270 во стилот на апулиска романика со дела кои потекнуваат од 13 век. Тука се и црквите Сан Франческо (темелно реставирана во 1670.), Сан Џовани Батиста (13. век) и Сан Пиетро Кавеосо издлабена во карпа. Постојат и црквите на св. Иван Крстител, на св. Петар, на св. Фрањо Асишки и св. Клара, Црква на прочистување, на св. Доминика и самостан на св. Августин. Во Матера има 150 пештерски цркви.

Во Матера се снимени познати филмови
Овој град е вистинско освежување по посетата на Рим, Венеција, Верона или Фиренца.
Градот дише со специфична свежина, ведри и топли бои и многу стари камења изнијансирани со кафеава боја што придонесува за ефектот на неуништливост. Полн е со улички во облик на лавиринт и скали.
Поради нетипичен и воедно убав изглед, Матера бил центар на случувањата во бројни филмови. Така, на вистинските љубители на кинемаографијата овој град не им е непознат. Тука се снимени и познатите филмови “Евангелие по Матеј” на Пјер Пацолини и “Страдањето на Исус” на Мел Гибсон.

Реставрација и реализација на проекти


Овој древен град со титулата Европска престолнина на културата освен загарантирано поголем интерес од страна на туристи ќе има и економска помош. На тој начин ќе биде во можност да изврши реставрација на споменици и да реализира големи културни проекти.

Во Матера се одржува и традицоналниот Фестивал дела Бруна, кој трае повеќе од 600 години, а кој ја симболизира бурната историја на градот. Подготовките за овој фестивал траат цела година, и вклучени се сите граѓани на Матера. Дел од ова живописно гратче е и Музејот на современи скулптури.
Титулата Европска престолнина на културата е иницијатива на Европската Унија. Таа е одобрена од Советот на ЕУ и за првпат е доделена во 1985 година на Атина.
(подготви: Д.Т.)