Масовен марш на 12-километарската рута на Голак  

100

Денеска во Делчево започна 5-от Меѓународен планинарскиот марш „Голак 2019″. Маршрутата на движење се одвивае по првата национална патека, со стартна точка во Делчево и крајна цел до врвот Чавка. На маршот, во организација на Планинарско-спортски клуб Голак, учествуваат планинарски друштва од Македонија и Бугарија.

Маршот започна од Делчево и се оди до Голак преку населбата Расадник, Трајанов Рид, Горна и Долна Богданица, Горни Балван, спортски терени се до врв Чавка. Има учесници од повеќе градови од Прилеп, Битола, Скопје, Гевгелија, Берово, Македонска Каменица, Штип, Пехчево, додека од Р Бугарија од Самоков, Пештера, Радомир и Софија.

– Маршрутата е долга 12 километри, се работи за средно тешка патека. Највозрасниот учесник на маршот е Гинка Георгиевска, секретар на планинарското друштво „Орлите” од Радомир, Р Бугарија, додека најмладиот Давид Златковски, член на ПСК „Голак” кој има 10 години. И за двајцата, како што кажаа планинарството е нешто највозвишено.

– Сакаме да создадеме нови врски со македонските пријатели и понатаму да реализираме заедно и други активности. Јас планинарам преку 30 години и за мене тоа е најдобро нешто за кондицијата и пред сè за здравјето – истакна Георгиевска.

– Три години се занимавам со планинарство и многу е убаво, се искачувам по ридови, не е многу тешко – вели малиот Давид.