Маслото никогаш веќе 60 денари, а ни млекото 30 денари за литар

Нема веќе врaќање на цените на енергенсите и производите како пред кризата. Компаниите ќе мора да се преструктуираат и да најдат нови начини на работа, бидејќи изгубивме доста време. И експертите сметаат дека цената на енергенсите нема да престане да расте во наредните три години. Времето на евтини енергенси помина, а компаниите мора да научат да се справат со тоа и да најдат начин како да продолжат понатаму

719

Нема да има веќе евтини енергенси и евтини производи. Времето на евтини енергенси помина, а цените на производите повеќе нема да се врата назад како пред кризата. Зејтинот нема веќе никогаш да биде 60 денари , млекото 30 денари за литар, шеќерот 25 денари, брашното 20 денари за килограм… Тоа се глобални текови кои ги наметнуваат светските пазари и нашите компании колку побрзо го разберат тоа, толку ќе биде подобро за нив. Економистите сметаат дека нашите компаниите ќе мора да се преструктуираат и да најдат нови начини на работа, бидејќи изгубивме доста време и немаме веќе време за чекање. Компаниите кои се најдоа во многу тешка ситуација поради короната и поради растот на цените на енергенсите велат дека без помош од Владата ќе биде многу тешко да продолжат да работат во услови на драстично зголемени цени на енергенси, зголемени трошоци за репроматеријали, за плати на работниците итн.

Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, смета дека компаниите се поорганизирани и сега полесно се справуваат со кризата, но зголемените цени на енергенсите им ги поматија плановите за понатамошен раст и развој.

-Зголемувањеето на цените на енергенсите е дел од глобалните текови кои ги диктираат светските пазари. Компаниите треба да разберат дека нема веќе евтини енергенси и нема да има враќање на цените како пред пандемијата. Ако сакаат да опстанат на глобалниот пазар мора да се дигитализираат, преструктуираат, реорганизираат и да бидат пооперативни и попродуктивни. Едноставно сите кои се дел од стопанството мора да ги прифатиме глобалните предизвици за да одиме напред, вели за ВЕЧЕР, Бошков.

И тој смета дека ќе биде тешко во услови на зголемени сметки за струја, гас, но веќе немаме време за чекање мора да фатиме чекор со светската економија.

-Пандемијата постави нови правила за игра и компаниите мора да се научат да бидат попродуктивни, поефикасни, попродуктивни… Ние доцна го разбравме она што го диктира глобалниот пазар. Имавме време да имаме сопствено производство, но не го направивме тоа, вели Бошков.

И економистите сметаат дека цените на производите никогаш нема да се вратат на ниво како пред кризата, односно дека маслото нема веќе никогаш да биде 60 денари, млекото 30 денари за литар, брашното 20 денари, шеќерот 25 денари за килограм итн.

Според експертите цената на енергенсите нема да престане да расте во наредните три години. Ова значи дека енергетската криза може уште повеќе да се продлабочи, бидејќи ние немаме доволно домашни капацитети за производство на електрична енергија.

– Цело време добиваме некои податоци и водиме некоја стратегија да издржиме до февруари, а потоа цените на електричната енергија ќе почнат да се намалуваат. Но, не е така. Според информациите кои ние, како Комора за енергетика, ги добиваме директно од Брисел и од Меѓународната агенција за енергетика, цената на струјата нема да се намали во наредните три години. Може да се стабилизира, но нема да се намали, туку напротив, уште ќе расте. Со ова, енергетската криза може да се продлабочи бидејќи ние немаме сопствени ресурси, изјави претседателот на Стопанската комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, смета дека цената на електричната енергија повеќе нема да се спушти под 80 евра за мегават-час.

– Цената на електричната енергија на берзите долгорочно ќе се стабилизира од 80 до 120 евра за мегават-час, но мислам дека цела 2022 година нема да ја поминеме со помал просек од 150 евра. Можеби, малку ќе се стабилизира во 2023 година и ќе падне до 120 или 130 евра, но повеќе нема да видиме цени под 80 евра за мегават-час, смета Анѓушев.

Според него, ова не е само енергетска криза, туку и финансиска, бидејќи, како што вели, кризата не е дека нема енергија, туку кризата е дека енергијата е скапа. Времето на евтини енергенси помина, а компаниите мора да го сфатат тоа и да најдат начин како да продолжат понатаму.

Компаниите се свесни дека нема враќање назад и дека ќе биде многу тешко да се издржи овој период за да не дојде до затворање на голем дел од компаниите и до колапс на целата економија.

(А.С.)