Маскирани кршеа излози во Атина во знак на солидарност со Куфодинас

109

Група од околу 30 маскирани лица синоќа кршеа продавници и банки во центарот на Атина, во знак на поддршка и солидарност со лидерот на грчката терористичка организација 17 Ноември, Димитрис Куфодинас.

Куфодинас е осуден на доживотна затворска казна, а од 2 мај штрајкува со глад поради отфрлањето на неговите барања да добие неколкудневна дозвола за излез од затвор, јави дописничката на МИА од Атина.

Полицијата, по синоќешниот напад со бејзбол палки на маскираните лица, веројатно анархисти, приведе 15 лица, од кои 12 утрово беа ослободени, а останатите тројца кои се странски државјани се задржани во полиција, не поради инцидентот, туку затоа што немале документи за престој во Грција.

Во нападот кој траел само неколку минути, била нанесена штета на 11 продавници и две банки.

Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис утрово ги посети и поразговара со сопствениците на продавниците кои претрпеа материјална штета и со жителите на околните згради.

– Мислам дека сликата говори сама за себе. Не е можно да биде уништена најтрговската улица во Атина. Не можеме да бидеме заложници на 30 насилници, рече Мицотакис.

Непознати лица, утрово упаднаа и ги опседнаа канцелариите на весникот „Авги“, кој важи за гласник на СИРИЗА и на сајтот објавија текст со поддршка за Куфодинас и повикаа на протест во вторник во центарот на Атина.

Со барање да добие редовна дозвола за неколкудневен излез од затвор, Куфодинас, кој 11 пати е осуден на доживотна затворска казна, на 2 мај почна штрајк со глад, а во последните денови маскирани лица, припадници на анархистички организации вршат напади на разни објекти во знак на, како што велат, „солидарност и поддршка на Куфодинас“.

Во средата, како што доцна синоќа објавија на познат грчки анархистички сајт, членовите на Народна одбрана, ги нападнале канцелариите на СИРИЗА и Нова демократија во две атински населби. Ги скршиле прозорците и испишале слогани за доделување на дозвола за излез од затвор за Куфодинас.

Денеска повторно беше отфрлено барањето на Куфодинас за добивање дозвола за излез од затвор и тој продолжува со штрајкот со глад во болницата во грчкиот град Волос, од каде обвинува дека има нехуман третман и затоа не прима посети, ниту дозволува да му биде понудена помош од лекарите.