Најновото истражување на компанијата „Нилсен“, глобална фирма за испитување на јавното мислење, покажува дека поради мерките на ограничување во време на пандемија драстично се намалило купувањето козметички производи, особено шминки за лице.

Како што пренесува дневниот весник „Ил Манифесто“ купувањето кармини опаднало за 24 отсто на светско ниво, а продажбата на шминка за очи е намалена за 10 отсто. Оваа разлика, како што пишува авторот на статијата, може да се објасни и со фактот дека под заштитната маска карминот на усните може да предизвика само штета, да се размачка по лицето и да ја извалка маската, а нацрвената уста и онака не се гледа.

 

За козметиката за разубавување најлоши биле месеците на целосен карантин. Од јануари до јуни годинава продажбата на руменило за усни се намалила за цели 60 отсто, а во исто време се продавале речиси 30 отсто помалку шминки за очи отколку во истиот период минатата година.

Овие податоци на светската група за испитување на јавното мислење се потврдува и со истражувањето спроведено во изминатите два месеци од страна на италијанската национална асоцијација на произведувачи на козметика.

Истражувањето укажува дека италијанските производители на козметички препарати заради намален увоз ќе изгубат 15 отсто од приходите во однос на минатата година. Пресметано во евра тоа би значело загуба од десетици стотини милиони.

Извор:www.thehansindia.com