„И покрај тоа што македонската културна средина е навидум сосема патријархална и конзервативна, наместа постои и еден поинаков однос кон телесноста и сексуалноста во рамките на истата таа патријархална средина. Во некои македонски народни умотворби, тоа наидува на отпор и на јасна осуда, но постојат и многу други во кои сексуалноста се прифаќа како нешто сосема природно, а склоноста кон слобода и сексуални избори вон општествените норми како знак на индивидуалните сфаќања и конкретните животни ситуации“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ професорката Ана Мартиноска која неодамна ја објави антологијата „(И)стории од долапот: избор од македонската народна еротика“

Еден, два, три, штурчето се скри! Кој го најде? Ете, баш ти… Оваа детска песничка која речиси сите ја познаваат, не можат ни да замислат како завршува. Нејзиниот вулгарен крај може да се прочита во новата антологија на Ана Мартиноска насловена „(И)стории од долапот: избор од македонската народна еротика“ која неодамна излезе од печат во издание на „МИ-АН“ каде оваа песна е поместена во делот на детскиот фолклор во кој провејуваат еротски теми. „Антологијата е избор од најрепрезентативните македонски еротски народни приказни, љубовни, обредни и други народни песни, гатанки, поговорки и пословици, детски фолклор, речник на најфрекфентни вулгарни зборови и изрази, како и опсежна научна студија за еротскиот фолклор и библиографија“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ професорката Ана Мартиноска која во 2007 година ја објави и „Голиот на гости: Антологија на македонскиот еротски фолклор“.

 Антологијата провокација за многу наредни еротски (и)стории

На корицата: „Жени и сатири“ (1967), Никола Мартиноски. Сопственост на семејството Мартиноски. Неизложувана.

Објавувањето на новиот избор од македонскиот еротски фолклор, Мартиноска го објаснува како побарувачка од љубопитниците и публиката, но и заради исцрпување на претходното издание. „Заедно со издавачот Мишел Павловски од ‘МИ-АН’ размислувавме да ја реобјавиме претходната збирка (Голиот на гости), но сепак заклучивме дека временската дистанца од тринаесет години ни дава одлична можност да го дополниме изданието со некои нови научни сознанија значајни за мојот поговор за македонскиот еротски фолклор, но и да направиме извесни промени во нивната селекција, да додадеме некои нови умотворби, дел од нив забележани од фолклористите во овој меѓупериод“, посочи Мартиноска истакнувајќи дека еротските теми во македонскиот фолклор и денес и во иднина ќе продолжат да го предизвикуваат интересот на пошироките народни маси. „Првенствено поради атрактивноста или, ако сакате, скокотливоста на самата тема за сексуалноста, вечната табу-тема заробена меѓу приватноста и фантазијата. Истовремено, тој интерес веројатно се должи и на малиот број на слични изданија во нашата земја. Во таа смисла, искрено се надевам дека ова издание не само што придонесува кон обелоденувањето и расветлувањето на ‘забранетото’ подрачје на еротскиот фолклор, туку ќе биде инспирација и провокација и за многу наредни еротски (и)стории кои чекаат да излезат од ‘долапот’“, посочи таа.

Еротскиот фолклор е недоволно истражен

Запрашана дали еротскиот “безобразниот“ фолклор сè уште е табу-тема, Мартиноска вели дека парадоксално е што еротскиот фолклор е продукт на анонимниот народен творец, а сепак еротската тематика долго се сметала за деликатна тема што не е за „пред народ“, за опсцена, непристојна и недолична област, па како таква и неприкладна за печатење и за научно истражување. „Секако тој однос денес е полиберален, иако живееме во патријархално општество кое сè уште не ги надминало сите предрасуди кон сексуалноста. Можеби ваквите збирки денес не се скандалозни и не се кријат од публиката, но далеку сме од отвореност и целосно прифаќање без осуда“, одговори Мартиноска.

Токму овој фолклор и затоа е недоволно истражен, бидејќи во минатото бил (авто)цензуриран и од самите собирачи Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Вук Караџиќ… „Марко Цепенков интервенирал во содржината на приказните со ублажување или изоставање на ‘гнасните’ зборови, имал сомнежи за исправноста на одлуката за публикување на еротските творби, па дури и барал од издавачот да не го споменува неговото име, а ракописите да ги изгори веднаш по нивното објавување. Слична автоцензура се среќава и кај Кузман Шапкарев, а и самите информатори и истражувачи често сакале да останат анонимни. И еротските песни и пословици на Вук Караџиќ долго останале необјавени, па прочуената петта книга ‘Особите пјесме и поскочице’ којашто била криена од јавноста, е објавена во ограничен тираж дури во 1974 со назнака на корицата ‘само за научна употреба’. Овие песни сепак продреле во пошироката јавност во 1979, што е почеток на менувањето на односот кон еротскиот фолклор на балканските простори. Кај нас прво слично издание е збирката ‘Македонски еротски приказни’ во избор и со предговор на проф. Кирил Пенушлиски, објавено во 1981, и тоа е една од причините поради кои овој избор му е посветен нему“, објаснува Мартиноска.

Запрашана, пак, за детскиот фолклор во кој провејуваат еротски елементи Мартиноска истакнува дека во кусите фолклорни жанрови се вбројуваат и некои од формите на детскиот фолклор – детски песни, брзозборки, броеници, каламбури и други говорни игри, кои исто така не се лишени од допирот на еротиката и еротските мотиви. „Некогаш почнуваат како обична детска песна, за на крајот да добијат неочекуван пресврт со вулгарен призвук. Кусата форма и функцијата ги прават соодветни за предизвикување на смеа и потенцирање на хумористичната страна на еротскиот фолклор“, вели таа.

Родовиот аспект во еротските умотворби

Што се однесува, пак, за родовиот аспект во еротските народни умотворби, Мартиноска посочува дека овој избор ни кажува многу за хиерархиските односи меѓу мажите и жените, за точно одредените родови улоги и општественото сфаќање на машкоста или женскоста во македонската народна традиција. „Иако нашата народна култура е навидум патријархална и затворена во својот конзервативен морал, областа на еротскиот фолклор ја разбива таа предрасуда и нуди очигледни примери за еротскиот свет на македонскиот народ кои се вон очекуваните, непишани етички норми и прифатливите матрици на однесување на родовите. Тоа особено важи за оној дел од еротскиот фолклор што е вон обредниот контекст, кој ја провоцира догматската норма на патријархатот, фалоцентричната идеологија и потребата за контрола на женската сексуалност. Така всушност добиваме двојна призма, од една страна имаме машки поглед на светот и црно-бела патријархална призма, но од друга страна има и извесен отпор, предизвикување на доминантните матрици на однесување и обид за разнишување на востановените правила и стереотипните женски претстави. Тие всушност и укажуваат на неопходноста од поинаков третман на женската и машката сексуалност, на потребата за одвојување на сексот од репродукцијата, за критика на бракот и моногамноста, за отворање кон сексуалните различности“, додава професорката од Институтот за македонска литература при УКИМ.

За Мартиноска, македонската народна еротика означува мошне широка област на доживувања, кои се важен дел од човековото постоење, од неговиот социјален живот, идентитет и (само)перцепција. „Во фолклорните жанрови еротиката ја среќаваме во различен обем, со различен интензитет и функција, со разлики што произлегуваат како од спецификите на самиот жанр така и од нормите, табуата и од системите на регулација кои ги прославувале, прикривале и на друг начин ги одредувале манифестациите на сексуалноста. Така, и покрај тоа што македонската културна средина е навидум сосема патријархална и конзервативна, наместа постои и еден поинаков однос кон телесноста и сексуалноста во рамките на истата таа патријархална средина. Во некои македонски народни умотворби, тоа наидува на отпор и на јасна осуда, но постојат и многу други во кои сексуалноста се прифаќа како нешто сосема природно, а склоноста кон слобода и сексуални избори вон општествените норми како знак на индивидуалните сфаќања и конкретните животни ситуации“, завршува Мартиноска.

Наташа Илиевска-Таневски