Мартенс: Во Македонија подобро се живее со 500 отколку во Германија со 1.800 евра  

Патрик Мартенс, директор на делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, смета дека младите стручни кадри треба да останат да работат во својата земја, оти во Германија платите се поголеми, но трошоците за  живот се многу високи. Според него, во Германија седум месеци работите за државата, а во август почнувате да работите за себе, но народот има доверба во државата, во системот...

970

Германските инвеститори во Македонија имаат одлични услови за почнување бизнис, а потврда за тоа е што во моментниов во земјава има голем број компании од Германија кои веќе 10 години работат во земјава и го шират бизнисот. Како што вели Патрик Мартенс, директор на делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, во моментов  има солиден интерес од инвеститорите да вложат во земјава, но најголем  проблем е како да се обезбедат стручните кадри. Преку актуелниот проект дуално образование треба да се обезбеди потребниот кадар,а најмногу недостигаат машински работници и мехатроничари.

– Проектот во соработка на Министерството за економија се спроведува во пет града во Македонија, во кои учествуваат десет германски, две македонски и по една словенечка и американска компанија. Учениците најголем дел од образовниот процес го поминуваат во компаниите каде што ги учат вештините со кои ќе бидат подготвени да работат во производство и ќе бидат добро платени -вели Мартенс, но  потенцира дека по завршувањето на образовниот процес тие како стручен кадар треба да останат во земјава и тука да работат, а не да заминуваат за Германија.

Според него перспективата на младите е подобра во Македонија, иако тие во Германија ќе заработуваат многу повеќе, но трошоците на живот се многу големи поради што нема да можат да го постигнат стандардот, односно квалитетот на живот.

-Ако во Германија имате 1.800 евра плата, половина ќе ви бидат трошоци  за кирија, режиски трошоци, даноци, за пензиско и здравствено осигурување, па ќе ви останат едвај 1.200 евра, а со нив  многу тешко ќе поминете месецот – смета Мартенс.

Тој потенцираше дека можеби платите во Германија се повисоки но основните трошоци за живот се десет пати поголеми  од оние во Македонија. Според него во земјава со 500 евра плата подобро се живее.

– Во Германија седум месеци работите за државата, а во август почнувате да работите за себе, но народот има доверба во државата, во системот во соседите, во општеството. Во Македонија недостига довербата. Кај вас повторно треба да се врати довербата во државата, институциите и судството – потенцира Мартенс.

Тој се надева дека Македонија во одреден период ќе се доближи до Европската Унија, а тоа ќе донесе сигурност и стабилност на државата од правен аспект.

-Македонија треба да биде во топ-форма пред влезот во ЕУ и стопанството да работи според европски стандарди. За да може младите да останат тука и да не ја напуштаат земјата, како што се случи во една земја од соседството – укажува Мартенс.

 Изборите ќе ги пролонгираат странските инвестиции 

За германските инвеститори 2019 година е година кога тие се консолидираа и ги проширија своите инвестиции, реинвестираа, но она што е важно за компаниите е да можат на раат да работат и на раат да може да се развиваат, без да бидат инволирани во другите процеси.

Според него во нивното здружение членуваат околу 200 компании кои што добро ги плаќаат вработените и затоа без проблеми го прифатија зголемувањето на минималната плата.

-Ние соработуваме со Владата, но секогаш ги застапуваме интересите на компаниите. Конретно ние не бевме за напуштање на равниот данок и воведување на прогресивниот што во праксата се потврди и тој се врати по една година  повторно- вели Мартенс.

Што се однесува за идната 2020 година Мартенс вели дека изборите и формирањето на новата влада ќе ги пролонгира потишувањето на договорите за новите инвестиции.Според него актуелната влада многу се фокусирање на водење на надворешната политика, што од една страна е добро но не знае колку тоа ги допира сите гласачи.

Тој најави дека во подготовка е ново законско решение со кое што одредени царински кодови треба да се прилагодат кон оние на ЕУ, за да може компаниите тие средства што ги плаќаат за царини да ги реинвестираат и да можат да отворат нови работни места.

(В.Ма.)