Македонија ќе има свои претставници на Светското првенство во водени спортови во Гванжу (Јужна Кореја), но меѓу нив нема да биде нашиот најдобар пливач Марко Блажевски. Токму неповикувањето во репрезентацијата го принудува 26 – годишниот пливач да се откаже не само од репрезентацијата, најверојатно и од пливањето.

Тој во Бања Лука, во мај годинава постави личен рекорд на 100 метри грбно, осовјувајќи го второто место зад олимпискиот финалист Каба Силаѓи, но и ова не беше доволно да добие покана да настапи за репрезентацијата во Кореја, јави интернет порталот „Екипа.мк“

-Не сум на СП само поради политика и бирократија. И покрај тоа што имам најдобро време тие одлучија да испратат неколку млади пливачи со изговор за некакво искуство, вели Блажевски.

Неофицијално, Блажевски е жртва на војната за превласт во македонското пливање помеѓу Александар Маленко и Александар Филипчев во Националната пливачка федерација. Разочарувањето од политиката и бирократијата во пливањето, Блажевски, зад кого е настап на две Олимпијади, го принудува да се пријави да плива под знамето на САД.

-Ако сигурно знаам дека нема да бидам земев в предвид за настап на Олимписките игри во Токио, наредната година, тогаш дефинитивно ќе пливам на квалификацискиот митинг за обезбедување место во американската репрезентација. Барем знам дека ќе добијам фер шанса, заврши Блажевски, кој покрај македонското има и државјанство на САД.

На светското првенство во Јужна Кореја, Македонија ќе ја претставуваат петмина пливачи: Евгениј Поп Ацев во маратонско пливање, додека Миа Крстевск, Ева Петровска, Филип Деркоски и Давор Петровски ќе се натпреваруваат во спринтерските дисциплини.