Марковски: Како вирусот за еден месец се прошири низ светот кога границите беа затворени и немаше патувања?

За оваа пандемија СЗО треба да одговори на повеќе прашања: Светската здравствена организација  вели дека ќе има  нов пик, од каде знае кога се работи за нова болест. Најблиски до вирусот ковид-19 се  вирусите на САРС и МЕРС, а тие немаа втор пик, односно се појавија откога мутираа по 10 години - вели д-р Марковски .

36400

Светската здравствена организација (СЗО) треба да даде одговори на повеќе прашања за пандемијата со ковид-19. Според инфектологот  д-р Вело Марковски, тие треба да дадат одговор како коронавирусот се рашири во исто време, во рок од еден месец низ целата Земјина топка.

-Вирусот во рок од еден месец  се рашири  низ целата земја од Нов Зеланд  до Исланд. Тоа не е видено досега во ниедна епидемија и за ниеден инфективен причинител – нагласи Марковски во емисијата „Детектор” и дополни дека нема оправдување како за толку кратко време  пандемијата се рашири  во услови кога сите патувања меѓу државите беа запрени.

Тој исто така се повикува на СЗО, која за наесен најавува дека ќе има втор пик, па прашува според кое искуство тие се водат.

-Светската здравствена организација вели дека ќе има  нов пик, од каде знае кога се работи за нова болест. Најблиски до вирусот ковид-19 се  вирусите на САРС и МЕРС ,а тие немаа втор пик, односно се појавија од кога мутираа  по 10 години – вели д-р Марковски.

Според него ако некој кажува дека сигурно ќе има втор пик, тогаш се работи за други интереси.

Марковски е задоволен како земјите на Балканот се справуваат со епидемијата, дури се држат подобро во споредба со западноевропските држави.

-Најверојатно имаме многу подобра наука од нив, особено што во земјите од Западна Европа инфектологијата не се изучува толку многу како што тоа е на Балканот. Климата исто така ни овозможува да имаме поповолна состојба – вели д-р Марковски за „Детектор“ и дополнува дека единствено негативно е што препишувавме едни од други.

Тој е задоволен  што власта ја слуша науката и според тоа беа воведени соодветни мерки.

 -Голема улога во тоа има тоа што имаме техничка Влада, бидејќи има претставници од повеќе политички партии – смета д-р Марковски и дополнува дека добро е што досега се тестираат само оние луѓе кои имаат симптоми на вирусот, а не сите.

Тој дополни дека асимптоматските случаи многу често се случува да има лажно негативни или лажно позитивни резултати. Според него искуството покажало дека  земјите кои тестирале многу граѓани не поминале подобро од земјите кои не тестирале во толкав обем.

Во однос на евентуални „здравствени пасоши“ Марковски дека нема никаква логика за нивно спроведување.

-Се надевам дека ќе превладее разумот. Можно е вакви мерки да форсираат производители на тестови. Верувам дека сонцето ќе го направи своето ова лето – заклучува  Марковски.