„ Во овој свет, полн со лажни информации, битно е да се знае заднината и условите во кои настанала една фотографија“, вели за весникот ВЕЧЕР, Марика Цукровски, менаџер на изложби на World press photo. Токму изложбата „Отпорност“ претставена во галеријата ’Мала станица’ во Скопје, која македонската јавност ќе има можност да ја види до 11 декември, раскажува импресивни “приказни за жени кои инспирираат промени“. За самата изложба, нејзиното значење во светски рамки, влијанието кое таа го има, но и за учеството на жените фоторепортерки во глобалниот свет на новинарска фотографија зборувавме со Цукровски

 

Уникатна по дизајнот, изложбата на World press Photo, која деновиве е поставена во Скопје, поточно во „Мала станица“, пред посетителите открива извонредни приказни за жени низсветот. Фотографиите поставени во вид на плакати на кои може да се прочита и текст кој ги објаснува, предизвикува посебно внимание, бидејќи, како што вели и менаџерката на изложбата Марика Цукровски од Холандија „ги доближуваат приказните на овие жени до целиот свет, ја истакнуваат отпорноста и предизвиците на жените, девојките и заедниците ширум светот“.

„Она што би сакала да го кажам за оваа изложба е дека е прва од ваков вид за нас. Оваа изложба беше инспирирана од уличен стил претставен преку отпор, протести и затоа се одлучивме на ова претставување преку постер. Изложбата истовремено е претставена во четири или пет града во Бразил, како и во Истанбул и Aнкара во Турција, како и во Бангладеш. Всушност, оваа изложба е архивски проект составен од фотографии од поранешни победници на натпревари на World press Photo и го застапуваат периодот од 2000 до денес. Сакавме да го потенцираме женските права во 21 век. Она што е интересно е дека првата слика потекнува од 2008 година и забележавме дека во периодот од 2000 до 2008 година воопшто и немало некоја слика што зборува за женските права. И самата идеја на проектот е всушност да се прикажат проблемите со кои се соочуваат жените и на каков начин се прикажува нивниот отпор во борба за женските права“, вели Цукровски.

Се зголемува бројот на жени фоторепортерки

Таа одржа и работилница во рамките на изложбата, која како што вели, беше

сконцентрирана на претставување на различностите. Ова посочува Цукровски значи дека во новинарското фотографирање најголем дел од претставниците се всушност мажи и во најголем дел мажите ја вршат оваа професија.

„Тоа со години го забележуваме организирајќи ги нашите конкурси и идејата на нашата организација е малку повеќе да зборуваме на оваа тема и на таков начин да предизвикаме промени. Исто така во нашиот конкурс во последно време го практикуваме и примерот на нов регионален пристап, или нов регионален модел. Во конкурсот, светот го поделивме на шест географски делови и во тие шест региони работат самите фотографи. Така, ако фотографијата е направена во Македонија тоа е европскиот регион. На таков начин имаме повеќе победници, секој регион има свој победник со своја фотографија“, објаснува Цукровски.

На нашето прашање колкава е застапеноста на жените во конкурсите за новинарската фотографија Цукровски посочи: „Немаме некое специфично истражување, но сепак следиме одредени статистики. И може да се каже дека во последните години се забележува мало покачување на процентот. Ако во 2015 година 15 проценти од учесниците на конкурсот биле жени во 2022 тој процент е 20 проценти. Забележавме и дека кога жените сликаат други жени самите слики се поинакви. Можеби поразбирливи затоа што жените ги разбираат женските проблеми. Исто така во жирито кое секоја година е различно, 50 проценти од членовите на жирито мора да бидат жени, што е правило од 2014 година“, вели Цукровски.

Она што секако е интересно е што полека расте бројот и на жени фоторепортерки од помалку развиените и неразвиените земји во светот.

„Немам некоја точна бројка од кои земји статистички најмногу доаѓаат жени фоторепортерки, но логично е дека најмногу има од европските земји и од американските. Но има фотографии и од жени фотографки од сите делови на светот. На пример една таква приказна ни е од претходната година на фотографка од Египет која фотографираше во Камерун и како што кажав, кога жени сликаат жени во друга заедница самиот пристап е поразличен, а и жените кои се предмет на фотографирање се послободни бидејќи се чувствуваат во некоја посигурна средина. На пример на оваа изложба имаме жени фудбалски навивачки од Иран  кои се сликани од Иранска фотографка и се забележува веднаш дека сликата е многу поразлична и од тоа што ја сликала жена и од тоа што е сликана од локалец, некој што доаѓа од самата земја и ја познава проблематиката. Во поглед на моменталната ситуација во Иран, таа е се уште таму, работи и редовно фотографира“, објаснува Цукровски.

Приказните зад фотографиите инспирираат промени

Во однос на нашето прашање колку фотографиите на жените фоторепортерки, но и на фотографиите на мажи фоторепортери кои фотографираат проблеми на жени, успеваат да предизвикаат промени во општеството, таа истакнува: „Можам да кажам дека тоа вообичаено се случува со локалните фотографии кои што можат да имаат некаков импакт. Кај нас многу често се случува да бидат презентирани слики за настани кои му се непознати на светот, па преку нашите изложби тие добиваат и еден вид платформа за визибилитет или ширење на таа информација“.

Токму фотографијата за навивачки од Иран раскажува приказна која била причина за промени во законите во оваа земја. Фотографијата “Плач за слобода“ од Фору Алаеи ги документира навивачките, на кои им е забранет влез на фудбалските стадиони во Иран. Во јуни 2018 година, под притисок на ФИФА, се донесе одлука со која се дозволува стадионот „Азади“ во Техеран да прима ограничени групи на жени, но сè уште им е забрането присуството на повеќето натпревари. Ризикувајќи апсење, навивачките се маскираат во мажи за да влезат на стадионите и да се залагаат за правата на жените. Додека работела на оваа приказна, фотографката се облекла како маж за да влезе на стадион со друга навивачка.

Инаку, како што објаснува Цукровски, нема специфична тема на натпреварот, туку секоја година има ново жири кое многу често одлучува на што ќе даде предност, а најчесто фотографиите се инспирирани од големите светски настани.

„На пример годинава во голема мера се инспирирани од Украина и војната. Сепак се останува на жирито. Нема годишна тема, туку е отворено да се конкурира на секоја тема. Единствените упатства кои ние им ги даваме се од техничка природа, да се внимава на квалитетот на самата фотографија, да биде со највисок квалитет, и на релевантноста на темата и приказната која што сака да ја пренесе таа фотографија. Инаку, во Македонија последниот пат изложба на World press photo беше претставена пред десет години и се работеше за годишна изложба. Оваа изложба во моментот не е годишна, но од Македонскиот центар за фотографија се надеваат дека наскоро ќе биде претставена и таа изложба. Сепак, изложбата во Скопје, која е патувачка, освен фотографии има и информација во кој контекст тие настанале.

„Тоа не го правиме со годишната изложба, туку само со вакви специјални изданија. Сметаме дека во овој свет на лажни вести е многу битно да имаме соодветна информација што е позадината на самата фотографија и во какви околности била фотографирана. И се надевам дека сите овие слики ќе предизвикаат промени на подобро“, истакнува Цукровски.   (Д.Т.)

Фото: Ѕ.Плавевски