МАРГИЦА АНТЕВСКА ГО ПРОСЛАВИ СВОЈОТ ЈУБИЛЕЈ – 50 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА: Со насмевка и солзи, со ракоплескања – Господе, фала ти што песни ѝ даде!

645

“Господе и тебе фала ти за песната што ми ја даде. Сега остануваат чувствата, емоциите и храброста да не заплачам. Зашто и публиката така реагираше… со насмевки и солзи и со аплаузи“, вака кусо, но многу содржајно на сите им се обрати нашата кумановка, златното грло на македонската музичка сцена, Маргица Антевска. Поводот е нејзиниот завчерашен солистички концерт, по повод 50 години успешна естрадно-музичка кариера. Маргица тоа го одбележа на најдобар начин, а поинаку и не можеше и не требаше. Доволни се песната и нејзиниот ангелски глас.
„Куманово оваа година одбележува голем јубилеј – 500 години од своето постоење, а истото се поклопи со уште еден јубилеј, со 50 години од музичката кариера на нашата сограѓанка Маргица Антевска. Нејзината богата уметничка кариера, нејзините безброј награди во нашата држава и пошироко, нè прават горди што во нашиот град имаме таков музички уметник“, кажа Десанка Стошевска, секретар на Општина Куманово, која го отвори концертот.

На концертот настапија познати имиња од македонската сцена, нејзините добри колеги: Ефто Пупиноски, Перо Христов, Сефедин Бајрамов, Нино Величковски, Ристо Краповски и Никола Давидовски, нејзините деца Милена и Марко Митковски, како и гостинката Дона Михаилова од Русија.
Откако беше завршен првиот музички дел од концертот, на видеобим можеа да се проследат импресиите на композиторите кои работеле со кумановската пејачка Маргица Антевска.
„Јас имам само да ви кажам дека вашата сограѓанка Маргица Антевска е голема ѕвезда, чувајте ја затоа што таа е наше национално богатство“, беше кусиот коментар на популарниот пејач Ефто Пупиновски.
Во вториот дел од концертот, Маргица со Ристо Краповски, а после 20 години, ја испеаја кумановската евергрин песна „Цел ноќ ти се к’лну Гинче“. На крај, кога емоциите дојдоа до плафон и кога сите од душа и ракоплескаа на ѕвездата Маргица ја отпеа „Не лудувај Јоване“, која ја посвети на нејзиниот внук Јован….   Д.М.