Познатата македонска поп-пејачка, битолчанката, Маргарита Христова ја батали нашата календарска зима, замина како птица-преселница во топлиот Катар каде што во овој дел од годината е пролет. Околу неа само гламур, богатство и секако милионерите, шеиците на улиците на градот. За ВЕЧЕР Маргарита вели дека не го сака студот, не ја сака зимата како годишно време, заминува таму каде што е секогаш потопло, појужно.

А, токму во Катар (Арапски Емирати) е топло. Добро, не е како во јуни, јули, август и септември кога е најчесто околу плус 50 степени, но сосема е доволно околу 22-24 степени. Се разбира дека снег нема во Катар, како што во нејзината Битола знае да наврне (со исклучок на оваа зима) и како што може да застуди со ноќните температури под минус 20 степени.

Затоа Маргарита и замина (малку работно, малку за шетање и уживање) бидејќи си вели дека зимата уште не заврши, февруари е пред нас, а таа како да претчувствува дека допрва нè чекаат снеговите, студот и смрзнувачката и во градот под Пелистер, со тоа и на популарниот битолски Широк сокак.
Дуле М. фото:ФБ