Маргарита Христова, битолското чупе, се врати од Хвар полна со спомени и нежни далматински серенади – Каде е и што правеше ова лето познататa пејачка?

1851

Морам да ви признаам дека многу ми е мило што ме побаравте за изјава. Мене навистина поодамна ме нема на страниците на весникот ВЕЧЕР. Летото одлично ми помина. Главно одморав, бидејќи ми беше исклучително потребен таков одмор по многубројните настапи во странство, а островот Хвар на Јадранското Море ми е најмилото пристаниште за таков одмор

Дуле Миќиќ/фото:приватна архива/

Маргарита Христова е многу позната македонска поп-пејачка, која сè поретко ја има на македонската естрада, но не е заборавена од своите обожаватели. Нејзиниот голем макфестовски хит – „Долга зимска ноќ“ сè уште се пее и може да се слушне на настапите на многу други наши пејачи. Ја памтиме и по песната „Тоа е љубов“, како и по високобуџетниот ексклузивен видеоспот што го има реализирано со познатиот белградски режисер Дејан Милиќевиќ.

Тоа значи дека ова убаво, распеано битолско чупе оставило длабока трага на македонската поп-сцена. Со пеењето почна како девојче, на свои шест години. Тогаш тоа беше на детскиот фестивал „Одбираме таленти“ во Битола, каде што победи. Потоа и на добропознатиот „Златно славејче“. За нејзиниот талент брзо се заинтересираа продуцентите и надвор од Македонија, па следуваше фестивалот „Златен глас“, на кој, само со 13 години, победи со песната „Вљубена жена“ од Барбара Стрејсенд. На Интернационалниот фестивал во Маглај, во Босна и Херцеговина, нашата Маргарита ги освои сите први награди.. Има реализирано и повеќе турнеи во странство, а има освоено и приличен број награди и на други меѓународни музички фестивали. Во 2009 година во Турција, а наредната 2010 – на Меѓународниот фестивал на Малта, ја освои престижната награда за најдобар пејач. Има многу има, но доста е и волку.

Туку, што правеше и каде беше ова лето Маргарита?

– Летото навистина одлично ми помина. Главно одморав, бидејќи ми беше исклучително потребен таков одмор по многубројните настапи, најчесто во странство. Морам да ви признаам, дека многу ми е мило што ме побаравте за изјава. Мене навистина поодамна ме нема на страниците на весникот ВЕЧЕР.

Пејачката е, инаку, родена во Битола, и сега живее таму. Го искористи долгото топло лето за да отпатува на Јадранското Море, од каде што понесе прекрасни впечатоци. Го понесе и го прегрна сонцето, кое ќе ја грее во долгите зимски ноќи, кои може да бидат многу студени особено во нејзината Битола, под Пелистер.

– Малку бев во Котор, потоа во Будва. Прекрасни приморски градови, особено стариот град Будва. Главниот летен одмор ми беше на островот Хвар. Тоа е остров на Јадранското Море, мое пристаниште, кое по својата географска положба потсетува на некој брод што мирно плови низ сините води на Јадранот. Не бев сама, имав и свое друштво, тамам погодено за тотално опуштање и релаксација. Секој ден ни беше максимално исполнет со уживања по плажите, во морето кое е кристално чисто. Собиравме и ретки примероци на школки, додека во кафулињата на самиот морски брег пиевме вкусни тропски овошни пијалаци. На ручек или на вечера одевме во оние традиционални далматински коноби, кои толку прекрасно мирисаат на свежи морски плодови, на маслиново масло.

Сето тоа беше зачинето со добри далматински вина и, над сè, со преубави далматински песни испеани од нивните клапи. Како што ги викаат тие песни – серенади. Секако дека и јас ги пеев за своја душа, на оној нивни традиционален клапски начин. Станува збор за песни што и ние во Македонија добро ги памтиме и ги сакаме: „Скалинада“, „Ноно, добри мој ноно“, „Моја Ане броји дане“, „Куд плови овај брод“, „Опрости ми папе“, „Пријатељи стари, гдје сте“, „Кад ривом иде цура фина“, „Чири-бири бела, Маре моја“…

По опуштениот одмор на Хвар, Маргарита е подготвена за наредниот есенско-зимски период од годината. И тоа затоа што е амбициозна и мотивирана да ги повтори успесите што ги имаше и на фестивалите во Каван, во Ирска, во Варна во Бугарија, како и оној највпечатливиот во Кемер во Турција.