Министерот за финансии Драган Тевдовски, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и атлетичари од Атлетската федерација го поддржаа ултра маратонецот Краси Георгиев кој денеска трчаше во Скопје, а ќе продолжи со трчање долж Коридорот 8. Трасата е долга 1000 километри и вклучува над 20 градови од Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

Целта е да се испрати порака за поврзаност на економиите и граѓаните на трите земји преку спортот. Коридорот 8 ги поврзува Јадранското и Црното море, а поминува и низ Северна Македонија.

Во земјава долж Коридорот 8 се градат проекти од патната и железничката инфраструктура кои ќе ги поврзат западната и источната граница. Во рамки на патната инфраструктура, се гради автопатот Кичево – Охрид; експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Ќе се проширува и патот Крива Паланка – Деве Баир со што тој ќе стане автопат и во завршна фаза е и автопатот Миладиновци-Штип.

Во рамки на железничката инфраструктура, годинава се очекува да заврши изградбата на првата фаза од пругата, од Куманово до Бељаковце, а следната година со изградба треба да почне втората фаза од Бељаковце – Крива Паланка. За третата фаза од пругата од Крива Паланка до Бугарија обезбеден е грант од Европската Унија во висина од 60 милиони евра, а се работи на обезбедување и на остатокот од средствата.

Пан-европскиот Коридор 8 е транспортен коридор кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море, поминувајќи низ Тирана, Скопје и Софија. Завршувањето на железничката и патната инфраструктура ќе обезбеди економски раст, развој на бизнисот, туризмот, спортот, како и просперитет за граѓаните во Албанија, Северна Македонија и Бугарија, а и во регионот на Југоисточна Европа.

Ултра-маратонот насловен #Поврзаност, се организира по идеја на бугарскиот европратеник д-р Андреј Ковачев и согласно со политиката на Европската унија за Западниот Балкан за поврзување на инфраструктура, економии и луѓе. Настанот се одржува под покровителство на премиерите на трите земји – Зоран Заев, Бојко Борисов и Еди Рама.