Омилениот маалски маркет за купување леб наутро, денеска го затекнав – ограбен. Нема шеќер, нема зејтин, нема брашно, нема макарони… Аман, велам, црна се чума зададе?

Девојките што работат во маркетот пиеја кафе утринава надвор на свеж воздух (замислете, во Скопје па на свеж воздух!) користејќи ги благодетите на природната вонредна мерка против загадувањето наречена ветер и дожд.

Им велам: „Девојки, црна се чума зададе?“ Се смеат. „Не, комшике, вчера како што објавиле на телевизија дека има случај на коронавирус, маркетов се наполни со луѓе. А, бе, се испокупија, ене гледаш,“ се смее.

„Оти?“ ја прашувам. „Велат да имале што да јадат ако ги стават во карантин“, пак се смее.

ФАКТ: Во кинескиот град Вухан, кој целиот е во карантин речиси две недели, никој досега не умрел од глад. Снабдувањето со храна, вода, струја, се одвива нормално иако под засилена здравствена контрола.

„Чекај“, велам, „а имате резерви шеќер, брашно, зејтин, макарони…“

„Полн е магацинот, комшике, ама па и ние сме луѓе, да земеме душа, сега ќе наредиме. Ти требаше ли нешто од тоа што нема на полиците? Ако ти е итно да ти донесам, ако не, помини после работа, ќе има“, ми вели најискусната од нив.

ФАКТ: Како и при сите други вирусни појави, клучно е да се прилагоди исхраната. Во макароните нема витамини. Кој било зеленчук или овошје нема да потрае подолго од една недела во фрижидер.

„Туку“, ми вели, „сношти, онака напикани меѓу штандовите со храна, од каде знаеја дека некој меѓу нив нема од вирусот? Бог да чува! Си дишеа во врат! Пола саат се чекаше на каса! Се задушивме!“

ФАКТ: На Светската здравствена организација не и е познат смртен случај од promaia vulgaris (обична промаја, де, проветрување со отворање прозорци). Во сезона на вируси, просториите треба често да се проветруваат.

„Ај што се задушивме, ама кашлат сите“, вели најмладата. „А бе никој рака на уста не става кога кашла, а од вируси се плашат!“

ФАКТ: Кога кашлате или кивате, покријте ги устата и носот. Мијте ги рацете почесто.

И така се разделивме со комшивките, та нема „короната“ да ми падне ако помуабетам наутро… А ни кафе не понудија.

Од уредникот

Споделете и следете ги овие препораки.

Posted by Венко Филипче on Wednesday, February 26, 2020