Мал дел од граѓаните се недисциплинирани, но и дел од институциите, вели Пендаровски

28
Претседателот Стево Пендаровски вели дека прогласувањето на кризната состојба било неопходно за да се овозможи подобро користење на сите ресурси на државата вклучувајќи ја и Армијата, но и приватните здравствени установи за справување со коронакризата. Вонредна состојба, потенцира, не е потребна затоа што има функционален Парламент. Тој смета земјава не е единствена која има тешка епидемиолошка состојба, бидејќи, како што потенцира, тоа е случај во сите други земји. Смета дека за непочитувањето на мерките не треба да се обвинуваат само граѓаните, туку и институциите, особено за селективна примена на законите и санкционирањето.

Во овој момент Армијата нема повеќе простор да помага, ние користиме една правна основа во Законот за служба на Армијата и тоа не е доволно. Имаме 40-50 луѓе кои сега помагаат. За таа бројка да биде многу поголема, мора да има кризна состојба, бидејќи според Законот за менаџирање со кризи, армијата може да има поголема улога во подршка на полицијата, само ако има криза или прогласено вонредна или воена состојба,  рече Пендаровски во Трилинг на ТВ 24.

Претседателот потенцира дека прогласувањето на кризната состојба подразбира и можност државата во овие 30 дена да менаџира со приватните ресурси за справување со стуацијата, иако како што вели, можееби до потреба за такво нешто нема да дојде.

Ако се влоши ситуацијата, нема да одиме кон вонредна ситуација, туку во рестрикција на движењето на граѓаните, односно полициски час, рече Пендаровски.

Тој вели дека е неспорно оти еден мал дел од граѓаните се недисциплинирани, но оти не може вината за состојбата да се префрла само на нив. Исто така, неоспорно е, посочи Пендаровски, дека и еден дел и од државните институции се недисциплинирани.

Неспорно е дека граѓаните во еден дел, јас би рекол дека многу мал дел не се дисциплинирани, но јас мислам дека еден дел и од државните инстиуции не се „дисциплинирани“, рече Пендаровски додавајќи дека недисциплинираноста на институциите се должи на селективноста при постапувањето и спроведувањето на законите и мерките.