„Макфест“ го распиша конкурсот за нови композиции

108

Почнаа подготовките за одржување на познатиот Фестивал на забавни мелодии „Макфест“-Штип. Кирил Панајотов, технички раководител на „Макфест“ на денешната прес-конференција објави дека во дневниот печат е објавен новиот конкурс за фестивалот на музика „Макфест 2019“ што ќе се одржи во Штип. Со тоа, започнуваат подготовките за новото издание на фестивалот, а конкурсот е само почеток на процесот.

-Триесет и четвртото издание на „Макфест“ започнува со распишување на огласот за нови композиции. И оваа година, фондот на Макфест ќе биде збогатен за 30 оригинални песни. Рокот за пријавување е до 1 април 2019 година. Се очекува оваа година „Макфест“ пред јубилејното издание, кое е идната година, да излезе со нов концепт, што во секој случај ќе има свој придонес во квалитетот на годинашново издание на фестивалот, но и на идните изданија, рече Панајотов.

Додаде дека годинава наградниот фонд изнесува 11.000 евра, од кои пет илјади за прво место, три илјади за второ и илјада евра за трето место, и по 500 евра поединечно за четирите стручни награди.