Макрон: Сметате ли дека датумот ќе им го смени животот на граѓаните на Северна Македонија кога ќе им кажеме дека можеби ќе влезат за десетина години

Ќе ме прашате што да им кажеме на граѓаните на Северна Македонија? На денот кога ќе им кажеме дека ги отвораат преговорите, утредента ќе добијат прашалник на 60 страници со сите правила. Сметате ли дека тоа ќе го смени секојдневниот живот на граѓаните од Северна Македонија кога ќе им кажеме дека можеби ќе влезат за десетина години, рече францускиот претседател, објаснувајќи дека Европа прво треба да се реформира, а потоа да се отвори за нови членки

259

Ако се отворат пристапни приговори со Северна Македонија, оставајќи ја Албанија настрана, би било несреќна политичка грешка за регионот, а тоа беше единствениот консензус до кој можевме да дојдеме, истакна претседателот на Франција, Емануел Макрон, на прес-конференцијата што ја одржа во петокот, по завршувањето на Европскиот совет во Брисел, откако не се согласи за одредување на датум за старт на преговорите на земјава со ЕУ.

Сакам особено да ја поздравам храброста на Зоран Заев, кој ги направи уставните промени, како и промената на името што беше крајно тешко да се направи, а беше дел од барањата. Јасно кажано, повеќе земји беа воздржани за отворање на преговорите денес. Франција беше дел од тие земји и тоа мошне јасно, не за да кажеме дека реформите на беа направени и дека не беше постигнат напредок, туку прво да кажеме дека немаше напредок на сите полиња.

„Вчеравечер имавме долга дебата во врска со проширувањето и мислам дека во врска со оваа значајна тема треба да останеме сериозни и одмерени. Јас во повеќе наврати сум кажал дека верувам во силна и суверена Европа, но верувам и во кохерентна и одговорна Европа. Земјите од Балканот, вклучително Северна Македонија и Албанија, спроведуваат значајни реформи, спроведоа и длабоки промени за кои беше потребна многу храброст и овде сакам особено да ја поздравам храброста на Зоран Заев, кој ги направи уставните промени, како и промената на името што беше крајно тешко да се направи, а беше дел од барањата. Јасно кажано, повеќе земји беа воздржани за отворање на преговорите денес. Франција беше дел од тие земји и тоа мошне јасно, не за да кажеме дека реформите на беа направени и дека не беше постигнат напредок, туку прво да кажеме дека немаше напредок на сите полиња. Постојат проблеми, недоследности и одредени состојби со кои не се владее, кај некои од овие земји, како што е миграцијата и почитувањето на сите правила.

Колективно будење

Ми велат дека ако не ги отвориме преговорите сега туку следниот месец, ќе ги обесхрабриме тие кои правеле напори. Не мислите ли дека по пет години нема повторно да ни кажат дека ги разочаруваме доколку не ги прифатиме веднаш, овој пат за членство, а не за преговори.

„Но, би кажал дека вчерашната дискусија беше мошне поучна во однос на визијата што едните или другите ја имаме за Европа. Јас не сметам дека единствениот однос кој треба да го имаме со земјите од нашето соседство треба да биде проширувањето. Тогаш Европа би била единствената светска сила која смета дека политиката на соседство подразбира да се предложи зачленување. Почнавме да споделуваме таков колективен дух, кој е необичен. Чудно е, бидејќи не функционираше најдобро меѓу 28-те земји членки, нема да функционира најдобро меѓу 27, а не сум убеден дека подобро ќе функционираме ако се прошириме. Повторив дека пред секое ефективно проширување, а овде станува збор само за почеток на преговорите, да бидеме јасни. Пред секое ефективно проширување треба да знаеме самите да се реформираме. И тие што ми велат дека се работи само за отворање на вратата за почеток на преговори и дека истите ќе траат 10 или 15 години, јас им велам дека тоа не е добра метода. Ми велат дека ако не ги отвориме преговорите сега туку следниот месец, ќе ги обесхрабриме тие кои правеле напори. Не мислите ли дека по пет години нема повторно да ни кажат дека ги разочаруваме доколку не ги прифатиме веднаш, овој пат за членство, а не за преговори. Се обидувам денес да го забележам ритамот со кој напредува Европа. Во 2008 доживеавме криза. Ако денес, за жал, ги следам донесените одлуки, во рамките на Европската Унија и во еврозоната, до 2028 ќе создадевме вистинска банкарска унија. Кога се соочуваме со потенцијално смртоносна криза, потребни се дваесет години да се реформираме. Така ние функционираме денес. Доколку не се случи колективно будење, не ќе можеме да прифатиме нови членки ниту за пет ниту за десет години, затоа што не го следиме добриот ритам. Треба најнапред да си го поставиме тоа прашање. И нема да се откажам од таа амбициозна желба. И ако навистина сакаме да ја одобриме агендата на Европската комисија ќе можеме да си го поставиме тоа прашање особено во поглед на идните приклучувања во тој процес. Втор елемент, природата на процесот на проширување повеќе не адекватна. Прво, затоа што во основа процесот е доста бирократски, потребен е политички договор и на почетокот и на крајот, процесот повеќе не се однесува на народот. Ве поканувам да ги посетите земјите кои го започнаа преговарачкиот процес за проширување, а потоа го изгубија текот. А оние кои велат пак доколку не го почнеме преговарачкиот процес ќе видите дека Русија, Кина итн. ќе имаат влијание, повторно ќе речам, одете видете ги земјите кои ги почнаа преговорите. Таму не се отворија големи француски, германски или италијански индустриски капацитети. Влијанието е веќе присутно во регионот. Сметам дека не инвестираме доволно, ниту на координиран начин. Не станува збор за процес на проширување туку за инвестициски избор, на економски, образовен, јазичен и културен во овие земји. Треба да се има стратегиска агенда, со партнери, кои не мора да бидат идни членки. Исто така, агендата за проширување веќе не е соодветна, ниту поинаква, различна, ниту пак политичка во одредени моменти на процесот и истиот треба да биде јасно реверзибилен или во спротивно нема да биде кредибилен. Затоа сакам пред да се отвориме кон нови земји, да ја спроведеме таа реформа која се бара години наназад од страна на повеќе држави-членки. Ова ви го велам сега зашто на денот кога ќе ги почнеме преговорите со сегашната процедура, ќе ни кажат дека не е коректно да се менуваат правилата на играта кога веќе сме почнале да преговараме заедно. Тоа беше во суштина, но ќе се навратам на темата со вашите прашања. Доколку навистина сакаме да станеме велесила и да бидеме јасни во нашите амбиции и да ги почитуваме оние кои сакаат да се свртат кон Европа, ќе треба Унијата да биде реформирана, процесот за проширување да биде обновен, да бидеме кредибилни и да имаме стратегиско размислување во однос на тоа кои сме ние, каква е нашата улога и во однос на регионот. Ова се основните работи за кои се бараше консензус, но одлучивме да ги отвориме повторно и да донесеме одлуки за нив пред самитот во Загреб”.

Криминални мрежи во Албанија

На новинарско прашање за ставот во однос на миграциските прашања и дали смета дека треба да го блокира целиот процес на проширување кој е во тек поради внатрешно-политички прашања, изложувајќи ги на ризик да се чувствуваат изолирани на европската сцена и каква порака упатува до граѓаните на Албанија и на Северна Македонија кои веруваа во овој процес, Макрон со став:

„Со Албанија веќе неколку месеци беа почнати одредени активности за откривање на криминални мрежи. Навистина е многу тешко да им објасниме на нашите граѓани дека ќе отвориме пристапни преговори за влез во Европската Унија со земја која би требало да биде безбедна, со која отворивме безвизен режим, а од која доаѓаат најголемиот број на баратели на азил(…) Од една страна, оние кои сакаат да се откажеме од нашите принципи и оние кои се наивни виновници, бидејќи мислат дека се треба да се прифати без притоа да се почитуваат правилата. Од моментот кога некој ќе стапне на француска територија не треба веќе да биде вратен во својата земја и дека треба да ги ужива истите вредности и да го има истиот статус. А тоа не е вистина. Оваа тема постои со Албанија но и со други земји, кое сакам да го решиме но кое не е основниот мотив за францускиот став”.

ЕУ не функционираше со 28 членки, нема ни со 30

“Во однос на проширувањето, вчера ги слушав ставовите… и суштински не се согласувам со оние кои сметаат дека проширувањето на Унијата е крајна цел на европската конструкција. Зашто за повеќе земји-членки тоа е реалноста. Сметам дека тоа е потполно погрешно размислување, односно тоа не е онаа Европа што јас ја посакувам. Најнапред ги повикав сите да бидеме кохерентни. Не функциониравме со 27, како да објаснам дека ќе функционираме со 28, 29, 30, или 32  (…) Премногу сме бавни во нашето реформирање пред да се прошириме.

Секое приклучување треба се случи откако ќе се спроведат реформите. Но за да се отворат нови преговори, треба да се реформираат правилата за проширувањето и истите да може да се разликуваат и да бидат реверзибилни.

Второ, оние што се колнат дека траба да се прошириме ни велат дека сакаат да учествуваат во буџетот со 1% од БНП. Ако тестото нараснува, ќе има помалку путер за да го намачкаме целото, а слојот ќе се истенчи толку што на крајот нема ни да се забележува. И звучи чудно, но на крајот ќе ни остане само тестото. Така, Европа ќе стане една голема форма која всушност е единствен пазар со слаба координација. Тоа е визијата која полека ни се случува. А тоа е грешка. Ние сме опкружени со моќни земји и затоа ни е неопходна поголема интеграција, поголема јаснотија при нашите избори, за да имаме поголема геополитичка тежина, особено за состојби кои се случуваат денес како во Сирија (…) во момент кога ни е потребна поголема сила и моќ, повеќе цврста солидарност, ние велиме не – ќе продолжиме со проширувањето, како што правевме досега. Ова не е кохерентно особено кога сакаме да го намалиме буџетот или да го задржиме. За мене тоа е спротивно на визијата што треба да ја имаме за Европа зад која стојам. Несогласувањето кое го имаме е во однос на природата на процесот на проширувањето. Според мене, треба да се отворат нови преговори, но тоа не значи проширување. Тоа треба да биде јасно меѓу нас самите. Секое приклучување треба се случи откако ќе се спроведат реформите. Но за да се отворат нови преговори, треба да се реформираат правилата за проширувањето и истите да може да се разликуваат и да бидат реверзибилни. И тоа е исто така важно”.

Европа како кокошка без глава

Сметам дека доколку се отворат пристапни приговори со Северна Македонија оставајќи ја Албанија настрана, би било несреќна политичка грешка за регионот, а тоа беше единствениот консензус до кој можевме да дојдеме. Ќе се случеа политички и социјални протести со невидено насилство не само во Албанија туку и во сите земји со албанофонско малцинство. За последиците врз Косово и соседните земји не се ни размислуваше. 

„Потоа ја имаме визијата за регионот. Вчера ги слушав оние кои велат дека безмалку е постигнато мнозинство за влез на Албанија и Северна Македонија. Тие не ја зборуваат вистината. Без сомнение имаше големо мнозинство, освен неколку… па дури и огромно мнозинство, спремен сум и тоа да го кажам, за Северна Македонија. Но барем половина од државите членки кои велеа: „Со Албанија не е исто, ние не сакаме тие да влезат“. Сметам дека доколку се отворат пристапни приговори со Северна Македонија оставајќи ја Албанија настрана, би било несреќна политичка грешка за регионот, а тоа беше единствениот консензус до кој можевме да дојдеме. Сметам дека тоа ќе беше несреќна политичка грешка. Ќе се случеа политички и социјални протести со невидено насилство не само во Албанија туку и во сите земји со албанофонско малцинство. За последиците врз Косово и соседните земји не се ни размислуваше. Дури, грешка е и да се кажува дека беше постигнато мнозинство за овие две земји заедно. Затоа сметам дека не треба да бидеме понесени од расположението што преовладуваше. Сметам дека тоа не беше сериозно.

Ги признавам навистина напорите што ги направија господата Рама и Заев, кои се храбри политичари. Впрочем, ќе ги посетам во наредните месеци. Ќе продолжиме да работиме, но мора и самите ние да си ја завршиме својата работа за да не се залажуваме. Значи, не сум со затворен дух. Доколку се постигне напредок, ќе можеме и ние врз база на сопствените процедури, заедно со тие земји да отвориме нешто, но тоа не може да биде според процедурата што сме ја имале досега, зашто таа нема повеќе смисла.

Денот кога ќе се постигне согласност, ќе ме прашате што да им кажеме на граѓаните на Северна Македонија? На денот кога ќе им кажеме дека ги отвораат преговорите, утредента ќе добијат прашалник на 60 страници со сите правила. Сметате ли дека тоа ќе го смени секојдневниот живот на граѓаните од Северна Македонија кога ќе им кажеме дека можеби ќе влезат за десетина години?

Треба да се негува тој стратегиски дијалог, кој е можеби поефикасен отколку прашалниците, а ние пак се прашуваме како да ја координираме нашиот влог, инвестирањето во економијата, културата, јазикот. Како повеќе да им помогнеме директно на народите, отколку да оставаме на совеста, ставајќи ги на тобоганот со процедури со коишто сме немоќни да управуваме и со Европа која би била како кокошка без глава”.