Макрон – Редовно одржувам разговори со Путин

90

Одржувам, редовни разговори и директен контакт со претседателот Путин, затоа што верувам дека тоа е најдобиот начин да се продолжи  со интеракцијата. Изолацијата е најлошата работа, посебно за водач како него – истакнал Макрон во интервју за „СБС“.

Тој изразил мислење дека одлуката на Русија да започне војна во Украина направила голема штета прво затоа што со тоа не го почитувала меѓународното право  и ги прекршила принципите, а и тоа што „веројатно направила многу грешки во проценката на своите и на украинските капацитети“.

-Сега се случува од септември да бомбардираат многу цивилни инфраструктури, Ова е воен злочин- истакнал Макрон.

Со оглед дека војната во Украина предизвика скок на цените и енергенсите, во одговорот на прашањето колку долго може да трае поддршката од Западот кон Украина, Макрон потенцирал дека е исклучително важно што „Европјаните, Американците и максимален број на земји во светот ја поддржуваат Украина“.

Тој изразил мислење дека било важно да се пренесат пораки дека за крајот на војната одлучуваат Украинците, а единствениот начин да се реши целата ситуација во Украина е да има преговори.

Во врска со односите со САД и Европа, Макрон посочил дека сегашната американска администрација и  претседателот Бајден биле лично поврзани со Европа,, но кога ќе се погледела денешната ситуација,  постоела десинхронизација на односите.

-Кога ќе ја погледнете денешната состојба навистина постои десинхронизација. Зошто? Енергија. Европа купува гас и нафта, САД е производител. А кога ќе ја погледнете денешната ситуација, нашата индустрија и нашите домаќинства не купуваат по иста цена. Постои голем јаз кој влијае на куповната моќ и конкурентност во нашите општества – истакнал Макрон и додал дека Европа и САД учествувале во актуелниот судир „во име на исти принципи“ но укажал дека „цената на оваа војна не е иста на двете страни од Атлантикот.