Макрон дискретно пристигна на Самитот во Брисел – го избегна црвениот килим

149
EPA-EFE/IAN LANGSDON/POOL

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска дискретно пристигна три часа по неговите колеги на Самитот на шефови на држави и влади на Европската унија во Брисел.

Макрон пристигна на пленарната седница околу 14 часот и 45 минути, соопшти Елисејската палата, додавајќи дека францускиот претседател не поминал на црвениот килим што им го покажале на новинарите на влезот во зградата на Европскиот совет.

Останатите 26 шефови на држави и влади пристигнаа во 11:00 часот на ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Макрон, соочен со политичка и социјална криза по усвојувањето на пензиската реформа без гласање во парламентот, имаше состаноци во претседателството пред Брисел.

Од Елисејската палата не прецизираа детали за тие средби.

Во Франција денеска има протести и штрајкови поради пензиската реформа, која граѓаните ја отфрлаат бидејќи, меѓу другото, се планира поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.