Макпетрол и во април ќе ги снабдува скопските топлани со гас

149

„Макпетрол“ и за април ќе ги снабдува скопските топлани Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север со природен гас. „ЕСМ Продажба“ донесе одлука гасот за топланите и за други стопански субјекти да го купува од „Макпетрол“ по цена од 53,6 евра за мегават/час. Со јавниот повик објавен на 20 март годинава, се бараше понуда од домашни и странски добавувачи за испорака на 500 до 1.800 мегават/часови гас дневно.

– Конечните финансиски понуди без ДДВ, изразени во фиксни цени како што се бараше во повикот, беа од „Макпетрол“ кој понуди крајна фиксна цена од 53,6 евра за мегават/час и бугарската „Балкан Утилитис“ со понуда од 53,7 евра за мегават/час. Одлуката за избор на добавувач да биде „Mакпетрол“ е поради пониско понудената цена – образлагаат од „ЕСМ Енергетика“.

Оттаму потенцираат дека со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за останати потрошувачи.

– Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во април ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија – велат од компанијата.

„ЕСМ Продажба“ и во овој четврти по ред јавен повик ги задржа истите услови и како носител на набавката за природен гас за месец април, сегашниот добавувач ќе обезбеди и гаранција, што е услов во јавниот повик, како што имаа обезбедено гаранција и претходните добавувачи за изминатите месеци.

– На крај, за нас како државни институции е професионално задоволство сознанието дека реалната либерализација на пазарот од 1 јануари, доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда – децидни се од „ЕСМ Продажба“.

(С.Бл.)