Маки за хотелиерите на Јадранот: Руси и Украинци масовно ги откажуваат летувањата

676

Војната во Украина и санкциите против Русија ги тргнаа туристите од тие земји од една од нивните омилени дестинации, црногорското крајбрежје. Одморалиштата на Јадранот во Хрватска, Црна Гора и Албанија, членки на НАТО кои се приклучија на меѓународните санкции против Русија, го чувствуваат отсуството на руски и украински туристи, што е голем удар за економиите на тие земји.

Санкциите вклучуваат забрана за комерцијални летови од Русија, блокирање на руските банки од меѓународните платежни системи, отежнување на пристапот до готовина на Русите во странство и запленување на недвижен имот и јахти на руски олигарси.

Од хотелите во црногорското одморалиште Бечичи, за Ројтерс,велат дека годинава ќе има малку туристи од овие две земји, иако илјадници Руси и Украинци кои избегаа од војната изнајмуваат станови на подолг период. Но, хотелиерите велат дека тиа нема да ја надоместат бројката од 380.000 Руси кои ја посетиле Црна Гора во 2019 година, а трошат многу помалку од туристите.

Некои руски туристи би можеле да дојдат преку Истанбул и Белград, аеродроми кои сè уште се отворени за летови од Русија, велат хотелиерите од црногорското крајбрежје, надевајќи се оти посетителите од Западна и Централна Европа, Израел, па дури и Саудиска Арабија ќе го надополнат недостатокот. Туризмот сочинува околу 20% од црногорската економија.

Минатиот месец Светска банка ја намали прогнозата за економскиот раст на Црна Гора за 2022 година за 3,6 отсто од претходните 5 отсто поради инвазијата. Прогнозата за раст за Западен Балкан – Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, БиХ и Северна Македонија, исто така е намалена на 3,1 отсто од 4,1 отсто во јануари. Шесте економии пораснаа за 7,4 отсто во 2021 година, по слабите 3,2 отсто во 2020 година.

Во последната година пред пандемијата, Хрватска имаше вкупно 154.000 руски и 139.000 украински туристи. Во 2021 година, според официјалните податоци, Хрватска ја посетиле околу 145.000 туристи од секоја земја.

Во Албанија, каде на туристичкиот сектор итно му треба да се опорави од ефектите на пандемијата, имаше големи надежи дека 2022 година ќе биде година на просперитет. Но, војната во Украина се заканува да ја наруши, велат за Ројтерс, хотелиерите од приморското летувалиште Драч. Резервациите од Русите и Украинците се откажани, а војната во Украина ги вознемирила и потенцијалните туристи од балтичките и скандинавските земји, како и од Полска и Германија.