Тродимензионална макета на античка гробница од македонски тип откриена на локалитетот Караѓулевци, може да се види во Куќата на Робевци во Охрид.

Од НУ Завод и Музеј Охрид велат дека макетата е изработена на 3Д печатач од страна на Кирил Денковски, а за ликовното обликување е заслужен Диме Солаковски.

Оттаму посочуваат дека на самата локација од гробницата е поставена информативна табла за посетителите, а во рамките на овој проект е изработена и виртуелна реконструкција на гробницата и кратко „time lapse“ видео од теренските активности во гробницата.

„Гробницата е изградена кон крајот на 4. или почетокот на 3. век пред н.е. од масивни камени блокови. Се состои од дромос (ходник), преткомора и комора. Внатрешноста на гробницата е богато декорирана со имитации на мермер и карактеристичната помпеанска – црвена боја. Гробницата има засводен кров обоен со сина боја како дополнителна асоцијација на небо. Во комората можат да се приметат траги од камени постаменти, на кои биле положени телата на покојниците“, стои во објаснувањето за гробницата.

Се посочува и дека гробницата е изградена по примерот на богатите гробници на македонски кралеви, како вечно почивалиште на некој великодостојник и неговата сопруга од богатиот антички град Лихнид (Охрид).

Од установата додаваат дека успешната реализација на проектот се должи на соработката со Регионален зелен центар – Охрид, а раководител на стручниот тим кој го спроведе е Иван Малезан.