Македонци, Грци и Бугари во eпот „Араукана” од 16. век

117

„Араукана” е еден од најпознатите шпански епови, напишан во 16. век од благородникот и поет, дон Алонсо де Ерсија и Зуњига (1533 – 1594). Овој историски запис, меѓу другото, раскажува и за првите преселби на Македонци и други народи во Јужна Америка, неполн век по познатото „откривање“ на Кристофер Колумбо.

Љубопитен за „Новиот Свет”, дон Алонсо 1556 година пристигнал во Средна Америка. Таму му се придружил на врховниот командант на шпанската колонија во денешен Чиле – Гарсија Хуртадо де Мендоза, за да го задуши востанието на домородниот народ Арауканци, кои се кренале на оружје против шпанските колонизатори.

Дон Алонсо останал во Чиле речиси две години. Учествувал во неколку битки, но храброста на Арауканците го инспирирала да го опише тоа што го доживеал. Така настанала и eпската поема „Араукана” во три дела, првично издадени 1569, 1578 и 1589 година.

Годините и вековите потоа, овој еп доживеал десетици изданија. Тука имаме примерок од 1597 година. На платформата за дигитални книги „Гугл букс“, има повеќе изданија на епот.

Раскажувајќи за народите кои се населувале во Јужна Америка, авторот вели: „Може ли некој да ги доброи ескадроните? И бројот на галиите? Толпи и мешавина од нации… Видов Хрвати, Далматијци, Славонци, Бугари, Албанци… Грци, Македонци, Турци…“

Но, главно, авторот сведочи за војната против Арауканците, ама и за историјата. Епот бил преведен од шпански на англиски јазик, па на француски, германски и, за кусо станал познат во цела Европа.

Народот Араукана е повеќеслоен, но јадрото е племето Мапуче, кое се наметнало над другите домородни групи низ процес наречен „арауканизација“. Арауканците живеат на подрачја во Чиле, Перу и Аргентина.

Инаку, според Роберт Тејлор, Кони Мекбирни, проф. Џорџ Прпиќ и повеќе други истражувачи, првиот Македонец кој пристигнал во Америка, е Драган, или Драхан да Лихнида, богомил од Охрид. Тој се спомнува во повеќе документи на шпанскиот дворец, му бил сопатник на Колумбо на историското патување 1492 година, кога пошироката европска јавност дознала за „новото“ копно… А, преживеал и еден колеж од староседелците на американска почва.

 

Тиркизни јајца

Занимливо е и тоа дека името „араукана” се однесува и на посебен вид кокошки (Gallina Mapuche) со потекло од Чиле и Перу коишто несат јајца со сино-резеда боја. Потеклото на арауканата ги заинтересирала историчарите и научниците, бидејќи се мисли дека таа настанала со вкрстување меѓу кокошките од Јужна Америка и тие донесени од Европа.

Бидејќи арауканата постоела и пред шпанската колонизација, тоа можеби ја потврдува теоријата дека и претходно имало преселби од Европа кон Америка, како што се потврди примерот со Скандинавецот Леиф Ериксон.

Се смета дека кокошките првпат се припитомени во Кина пред околу 5.000 години, а најголем број денешни видови настанале со вкрстување. Но, арауканата се разликува не само по бојата на јајцата што ги несе туку и според изгледот – има перја со облик на „виткани мустаќи“ под клунот кај вратот, и има мала опашка.

 

Извор: МИА