Македонците сакаат да возат нови автомобили, ама купуваат стари 

Доколку се проследат бројките по месеци ќе се забележи дека за бизнисот со автомобили годинава најплодни месеци биле април и и јули кога биле увезени најмногу возила. Така во април преку Царинската управа поминале 575 нови автомобили и 3.109 стари автомобили, додека во јули се увезени 511 нови автомобили и 3.496 стари    

265

Во Македонија заклучно со деветтиот месец годинава, вкупно се увезени 33.003 возила од кои што 4.589 се нови автомобили и 25.562 употребувани или како што популарно се нарекуваат стари возила. Ова се официјалните податоци на Царинската управа на Македонија од каде посочуваат дека увезени се  уште и 771  нови товарни возила и 1.883 стари, како и три нови автобуси и минибуси и 24 употребувани.

Ако се проследат бројките по месеци ќе се забележи дека за бизнисот со автомобили годинава најплодни месеци биле април и јули кога биле увезени најмногу возила, што потврдува дека во овој период и побарувачката за нив била поголема. Така во април преку Царинската управа поминале 575 нови автомобили и 3.109 стари автомобили, додека во јули  се увезени 511 нови автомобили и 3.496 стари.

Во земјава изминативе неколку години  опаѓа бројот на нови увезени возила. Добавувачите или популарно наречени овластени дистрибутери на возила  потврдуваат дека и на македонскиот пазар  се чувствува глобалниот трендот на  намалување на бројот на купени возила. Дел од причините за тоа е и глобалната рецесија во автомобилската индустрија што веќе се почувствува и кај компаниите во земјава кои работата во овој сектор.

Исто така поради слабиот раст на кредитите, поголема побарувачка за користени возила и нови стандарди на емисија на издувни гасови, побарувачката за нови автомобили е значително намалена во Кина, најголемиот светски пазар. Во првите 10 месеци од оваа година продажбата на кинескиот пазар падна 11 проценти.

Статистиката вели дека глобалната рецесија и намалена продажба на нови автомобили е процес заради кој изминатава година се продадени 4,3 милиони автомобили помалку во однос на претходната година, процес кој е најизразен во Кина и Индија. Конкретно за овој дел од пазарот главна причина е трговската војна меѓу Кина и Америка и несигурноста која таа ги носи.

Од друга страна пак на почетокот на годината владата во Пекинг ги намали субвенциите за електрични возила намалувајќи ја продажбата и во тој сегмент.

Додека пак на европско тло влијание има и Брегзитот, промените на регулативите околу дизелите, електрификацијата на автомобилите и слично. Дефинитивно длобалната автомобилска индустрија ќе сака да ја заборави оваа година што е можно побргу, бидејќи регистрира пад и до четири проценти.

Според податоците на агенцијата „Фич“, глобалната продажба на автомобили годинава  се намали 3,1 милиони возила. „Фич“ анализира дека  2019 година ќе остане запаметена по најголемиот пад на продажбата на нови возила од 2008 година кога глобалната финансиска криза го потресе светот.

(В.Ма.)