Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), најостро ги демантира изнесените ставови на прес-конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, на која обвинува дека надлежните државни органи дозволиле увоз на небезбеден зеленчук со концентрации на пестициди над максимално дозволените концентрации. Според нив инспекторите се на терен и пратките не се пуштени во продажба.

 

Во Македонија досега нема ниту една увозна пратка со домати позитивна на пестициди, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како одговор на обвинувањето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ дека во земјава се дозволило увоз на зеленчук од Албанија со поголемо ниво на пестициди од дозволеното.

 -Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро ги демантира изнесените ставови на прес-конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, на која обвинува дека надлежните државни органи дозволиле увоз на небезбеден зеленчук со концентрации на пестициди над максимално дозволените концентрации. Документите кои ги презентираше Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврда дека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат – велат од АХВ и дополнуваат дека сè додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор.

Според нив истите не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање на незадоволителен резултат пратката се поништува, или се наредува враќање на истата во земјата на потекло.

-Пратките на домати кои се увезуваат од Албанија се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување – децидни се од АХВ и притоа посочуваат дека Трипуновски изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјава.

Од АХВ велат доколку Трипуновски вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции. Според Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство во ВМРО-ДПМНЕ до него стигнале документи од анализи на Државната фитосанитарна лабораторија при увоз на зеленчук во Македонија од Албанија, од кои се гледа присуство на пестициди повеќе од дозволеното.

-Ова се документи од МЗШВ, од државната фитосанитарна лабораторија, со документ и печат на институцијата заведени со број 10802-409/2 и 10802-372/2, од кои јасно се гледа дека Државната фитосанитарна лабораторија направила анализа на увезена краставица и домат за утврдување на присуство на пестициди. Наодот од анализата утврдува присуство на пестициди над дозволената граница – вели Трипуновски.

Тој нагласи дека, според нивни сознанија, неколку камиони со отровен зеленчук се влезени во Македонија и пуштени во промет.

-Граѓаните освен што јадат скапа храна, јадат и небезбедна храна. ЈО мора веднаш да реагира. Овој штетен зеленчук може да завршил на пазарите во Скопје, Тетово, Кавадарци, Гостивар, Штип, Велес, буквално низ целата територија на Македонија – вели Трипуновски и затоа тој побара одговорност, но и оставка од директорот Николче Бабовски и министерот Љупчо Николовски.

Од Агенцијата информираа дека инспекторите се на терен и прават засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори кои извршиле увоз од Република Албанија, со цел утврдување на потеклото на доматите.

Од почетокот на годинава досега, земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук (домати,краставици, пиперки), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки и тоа една со краставици од Албанија (небезбедно се уништени) и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која сè уште се наоѓа по официјален надзор. Небезбедните пратки се нештетно уништени.  

 

Бектеши: Од 1 јуни цените на зеленчукот и овошјето се одмрзнуваат

Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, овошјето и зеленчукот по 31 мај годинава, бидејќи цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од десет насто. Ова вчера го кажа министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој дополни дека ситуацијата со цените на производите се следи, така што доколку биде забележана злоупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки.

– Согласно последните податоци, инфлацијата оваа година ќе биде под проектираното ниво. Ние на дневна база правиме анализи кои што секогаш може да се усвојат, а тоа ќе го правиме секако во соработка со стопанските комори, рече Бектеши.

Министерот  вчера имаше  средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, двајцата министри потпишаа билатерални договори меѓу Владите на двете земји – за економска соработка и соработка во областа на туризмот.

 (В.Ма.)