Македонците нема да можат да патуваат во ЕУ до септември

193

Македонците најмалку до крајот на август нема да можат да патуваат во земјите од Европската унија. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ решија да не го ажурираат списокот на земји на кои им е дозволено патување во ЕУ врз основа на „подобра или слична епидемиолошка ситуација“, велат дипломатски извори од Брисел за „Танјуг“. Изворите потврдуваат дека на листата на безбедни земји го нема Западен Балкан. Оценката на амбасадорите е дека епидемилошката состојба во земјите од нашиот регион е доволно лоша, поради што само се потврди претходната одлука. На жителите од земјите на Западен Балкан им е забранет влез во земјите-членки на ЕУ поради високиот број на заболени од ковид-19, кој во изминатиов период властите не успеаја да го намалат.

Иако во претходниот период одлуките за тоа кои земји ќе се најдат на листата за патување во ЕУ беше најавено дека ќе се ажурира на секои две недели, сегашната одлука што треба да биде донесена ќе важи еден месец, до септември. Списоците нема да се ревидираат во текот на август, поради колективен одмор во европските институции, но се остава простор и тогаш да се забрани влез на жители од одредени земји, ако се појави нагло зголемување на бројот на заболени од ковид-19. Можна е и интервенција на листата од страна на ЕУ само доколку во некоја од земјите има дрстичен пад на заразените со коронавирусот, пренесуваат дипломатите од Брисел.

На листата на безбедни земји во кои ковид-19 се смета дека е под контрола се Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тунис и Уругвај.

Кина е исто така одобрена како безбедна земја за граѓаните на ЕУ, но само доколку кинеските власти донесат идентична одлука за влез на државјаните на ЕУ на кинеска територија. Од друга страна, Алжир со најновата одлука на амбасадорите е исклучен од листата на безбедни земји.