Македонците и Србите навалија на станови во Грција, кои може да се купат и за 50 илјади евра

Македонците и Србите последниве години масовно купуваат недвижности на море, а најчест избор е Грција, поради пониските цени. Овој тренд е сосема очекуван ако се има предвид фактот дека недвижностите покрај море честопати се поевтини од оние во Скопје и во Белград. – И покрај тоа што последниве години малку се качија, цените за недвижностите во Солун и околината сè уште се ниски во споредба со оние за становите што се продаваат во Скопје и во Белград. Апартманите многу брзо се продаваат и не стигнувам да ги огласам. Имам листа на купувачи, кои чекаат добра понуда и ги информирам уште пред да се огласи станот. Така, оние станови што се под 60 илјади евра, не стојат ни еден ден, веднаш се продаваат – вели за весникот ВЕЧЕР Наташа Буфушовска, агент за недвижности во Грција

723

Македонците и Србите последниве години масовно купуваат недвижности на море, а најчест избор е Грција, поради пониските цени. Овој тренд е сосема очекуван ако се има предвид фактот што недвижностите покрај море честопати се поевтини од оние во Скопје и во Белград. Освен во Солун, наши сограѓани купуваат имоти и на Халкидики и во Пиерија, кои ги користат за свои потреби, за одмор или, пак, ги издаваат. Најатрактивни се становите и апартманите од 30 до 50 квадрати, а цената се движи од 1.500 до 2.000 евра за квадратен метар, во зависност од близината до морето, дали се работи за нов или за стар стан и од други фактори што влијаат на цената.

Наташа Буфушовска, агент за недвижности во Грција, за весникот ВЕЧЕР вели дека постои голема навалица за купување станови во Грција, а најчести клиенти ѝ се Македонците и Србите.

– И покрај тоа што последниве години малку се качија, цените за недвижностите во Солун и околината сè уште се ниски во споредба со оние за становите што се продаваат во Скопје и во Белград. Апартманите многу брзо се продаваат и не стигнувам да ги огласам. Имам листа на купувачи, кои чекаат добра понуда и ги информирам уште пред да се огласи станот. Така, оние станови што се под 60 илјади евра, не стојат ни еден ден, веднаш се продаваат – објаснува Буфушовска.

Таа вели дека веднаш има клиенти за поевтините станови и не мора да ги огласува, ги огласува само оние што се поскапи, но и тие не стојат долго и се продаваат за неколку дена.

– Три години откако се отвори границата, мислам поради короната, не запревме со продажбата. Ние работиме во делот по Солун, односно нудиме апартмани и станови во Неа Каликратија, Неа Мудања, Неа Флогита. Работиме само со Македонци и со Срби, кои се и најзаинтересирани за купување станови во Грција. Се бараат станови и на првиот, на вториот крак и во Пиерија, но јас ги препраќам кај мои колеги што работат во тој дел – вели нашата соговорничка, која 27 години живее во Грција, а веќе осум години работи со недвижности.

Таа вели дека, по короната, цените на апартманите и на становите во Грција малку се качени и не може да се најдат мали апартмани ни за 30 илјади евра. Пред короната, можеше да се начека апартман на 500 метри од плажа и за 20 илјади евра, но сега веќе не – објаснува Буфушовска.

И во Пиерија може да купите стан блиску до плажа – од 1.500 до 2.000 евра за квадратен метар. Така, за 50 илјади евра може да се купи нов стан во близина на атрактивен дел покрај море. Поради тоа, последниве години има голем интерес од странците за купување станови во овој дел од Грција. Освен Македонците, станови купуваат и Србите, Романците, Чесите, Словаците… Процедурата во Грција е едноставна, потребни ви се само адвокат и нотар, објаснуваат од една агенција што работи со издавање и со продажба на станови.

За разлика од Грција, во Хрватска и во Црна Гора становите се доста поскапи и се продаваат по цени од неколку стотици илјади евра, па до еден милион. Хрватското крајбрежје со години важи за едно од најскапите кога се работи за недвижностите. Едни од најпопуларните и најскапи места се дефинитивно Пула, Дубровник и Опатија. Кога станува збор за Пула, минималната сума што би требало да ја одвоиме за недвижен имот на ова место е меѓу 100.000 и 150.000 евра. На пример, стан од 45 квадрати во овој град чини 164.000 евра. Дубровник е нешто поскап и стан од 48 квадрати во овој град чини 210.000 евра. Опатија е уште една локација што сакаат да ја посетат туристите. Цената на просечен стан од 50 квадрати во овој град е 185.000 евра.

Во текот на минатата година, цените на недвижностите во Црна Гора беа за 40 отсто повисоки од претходната година. Така, во Будва може да се најде гарсониера за 50.000 евра, цените за еднособните се и до 64.000 евра, а цената за малку поголем двособен е околу 90.000 евра. Додека, пак, во Котор се нешто поскапи и за стан од 63 квадрати ќе платите 170.000 евра.

Нешто поевтини се недвижностите во Албанија. Така, се наоѓа двособен стан во Драч од 52 квадрати по цена од 42.000 евра. Во една од најпопуларните туристички дестинации – Саранда се нудат 78 квадратни метри за 110.900 евра, а малку поголем стан од 140 квадратни метри – за 168.000 евра.

(А.С.)