Во Сплит, Риека и во други градови во Хрватска, по повод 24 Мај, Денот на светите Кирил и Методиј, беа организирани бројни настани: свечени академии, поетски читања, ученички приредби… Годинава се одбележуваат и 32 години од организираното дејствување на Македонците во Хрватска со формирањето на првите македонски културни друштва „Илинден“ во Риека и „Македонија“ во Сплит

Македонците во Хрватска на најдобар можен начин ги претставуваат богатите македонски историја, култура и јазик во средините каде што живеат. Македонците во Хрватска претставуваат респектабилно малцинство, кое е одлично прифатено и кое активно учествува во сите аспекти на општествениот живот. Тие ги донесоа своите култура, традиција и обичаи во локалните средини во Хрватска каде што живеат, збогатувајќи ја културната разновидност.

Така беше во Сплит, Риека и во други градови во Хрватска по повод 24 Мај, Денот на светите Кирил и Методиј, каде што беа организирани бројни настани: свечени академии, поетски читања, ученички приредби и сл.

Македонците во Сплит, организирани преку Македонското културно друштво „Македонија“, одржаа свечена академија во Театарот за млади, каде што покажаа содржини како дел од богатото македонско културно наследство.

Во рамки на свечената академија, беше одбележана и 32. годишнина од формирањето на МКД „Македонија“. На програмата беа и хорот и фолклорната група со неколку изворни македонски песни и ора, а учениците од ОУ „Скалице“ од Сплит изведоа рецитал со кој ги претставија боите на татковината, убавините на Охридското Езеро и желбата како да се стане суперѕвезда.

И во Риека беше одржана свечена академија со пригодна културна програма.

Инаку, Македонците во Хрватска учествуваат во политичкиот живот на градовите, во градските совети и во други институции, изразувајќи го на тој начин своето мислење и застапувајќи ги интересите на својата заедница. Таквите отвореност и соработка придонесуваат за разбирањето и почитувањето меѓу различните култури и националности.

Присуството на Македонците во Хрватска ја збогатува мултикултурната слика на земјата и претставува пример за успешни интеграција и соживот. Нивниот придонос е видлив во сите сфери на живеењето, како што се економијата, науката, образованието, уметноста, спортот и јавниот живот.

Еден од примерите каде што е видлива Македонската заедница во Хрватска е организирањето културни настани. Македонските фолклорни и пејачки групи редовно имаат настапи, нудејќи ѝ на јавноста можност да се запознае со богатството на македонската култура, каков што беше случајот со одбележувањето на 24 Мај, Денот на светите Кирил и Методиј.

Токму ваквите настани ги собираат луѓето од различните националности и градат мостови меѓу различните заедници во Хрватска.

Разните здруженија на Македонците во Хрватска создаваат мостови меѓу културите, промовирајќи ги разбирањето, почитувањето и соживотот меѓу различните заедници.

За ВЕЧЕР од Хрватска, Милена ГЕОРГИЕВСКА