Македонско село од туристичка атракција ќе стане стартап село

2534

Владата повторно ќе го заживува комплексот „Македонско село“ во Нерези, кој повеќе од 1,5 година е затворен. Катанецот на влезната порта стои од октомври 2018 година откако дотогашните концесионери „Тинекс“ и хотел „Квинс“, поради загуби во работењето, го прекинаа договорот за 20-годишната концесија.

Оттогаш комплексот кој беше изграден да го посетуваат домашни и странски туристи и да биде главната атракција на Скопје, остана затворен. Што се случувало со објектите внатре, не се знае.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски најави дека Владата ќе го трансформира македонско туристичко село во македонско стартап село, со што како што рече, директно се стимулира отворањето нови сопствени бизниси. Давањето на друга намена со која би се искористиле изградените објекти го најави и потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, кој истакна дека тоа е дел од владината долгорочна стратегија за позиционирање на нашата земја во СТАРТАП ХАБ.

– Започнува трансформацијата на македонската економија. Сега, повеќе од кога било, треба да им дадеме поддршка на македонските стартапи, претприемачи и иноватори. Во првата фаза, стартап селото ќе функционира како co-working простор за нашите стартап претприемачи, а во подоцнежната фаза планирани се и сместувачки капацитети за претприемачи од Македонија и странство, како и простор за обуки, конференции и настани – напиша Петров на „Фејсбук“.

По затворањето на комплексот со ресторани и 12 двокатни куќи во етно стил, Владата планираше да побара нов концесионер или закупувач, но јавен оглас не беше распишан.

Македонско село почна да се гради во 2011 година, а целиот комплекс чинеше 6,5 милиони евра. Во 2016 година беше отворено за посетители.

(С.Бл.)