Проф. д-р Лорета Георгиевска за весникот ВЕЧЕР: Македонското политичко секојдневие е без компас, не знаеме да ја гледаме пошироката слика!

Ако вака продолжи, песимистичките прогнози ќе ни чукнат на врата. Ние не знаеме да ја гледаме големата слика, притоа мислам на изолираните државни сектори, поточно на изолираноста меѓу секторите во државата, каде што секој си го гледа својот двор и тоа не баш успешно, несвесни дека и сопствениот двор ќе биде валкан, ако соседите не го уредат својот. Едноставно, ветерот ќе го навее ѓубрето и во нивниот двор. Така некако оди и логиката со идентитетските прашања, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР професорката Лорета Георгиевска. Со неа разговаравме на актуелни политички теми, гледани од културолошки аспект. Меѓу другото ќе рече: „Ние имаме приказни со кои можеме да се поврземе, само ни треба добар автор кој ќе знае како да го организира нараторот во приказната, за дејствието да стане убедливо и логично“. За Геогиевска, „Светот не е она што беше. Европа не е она што беше. Европа гради нови граници“. А во врска со последната вест од Грција дека македонскиот јазик е официјално регистриран од нивните судски власти, кој во нашата јавност се протолкува како историски момент, Георгиевска отсечно одговара: „На ова можам само да ја употребам народната мудрост и да речам: Се тресеше гората - се роди глушец! Македонскиот јазик постоел, постои и ќе постои. Воодушевување од баналности не ни е потребно“.

388
Ако вака продолжи, песимистичките прогнози ќе ни чукнат на врата. Ние не знаеме да ја гледаме големата слика, притоа мислам на изолираните државни сектори, поточно на изолираноста меѓу секторите во државата, каде што секој си го гледа својот двор и тоа не баш успешно, несвесни дека и сопствениот двор ќе биде валкан, ако соседите не го уредат својот. Едноставно, ветерот ќе го навее ѓубрето и во нивниот двор.

Како од Ваша перспектива изгледа македонското политичко секојдневие и борбата за докажување кои сме и кој е јазикот што го зборуваме?

Се чини дека македонското политичко секојдневие е без компас. Стратешкото планирање никогаш не било нашата јака страна, но сега, ми се чини, тоа оди под нулата. Кога една држава нема јасна цел, приоритети, план како и кога ќе ги реализира краткорочните и долгорочните цели, што ќе се постигне со реализација на некоја акција и како таа ќе води кон потешко остварливите цели, туку сè што се прави се одвива стихијно, без идеја каде тоа води, кој има способности некоја цел а ја реализира, каков тим е потребен за реализација на таа цел, односно кога компетенциите се неважни, не очекувам нешто што ќе нè помрдне да одиме на подобро. Ако вака продолжи, песимистичките прогнози ќе ни чукнат на врата. Ние не знаеме да ја гледаме големата слика, притоа мислам на изолираните државни сектори, поточно на изолираноста меѓу секторите во државата, каде што секој си го гледа својот двор и тоа не баш успешно, несвесни дека и сопствениот двор ќе биде валкан, ако соседите не го уредат својот. Едноставно, ветерот ќе го навее ѓубрето и во нивниот двор.

Така некако оди и логиката со идентитетските прашања. Туѓиот двор е местото каде што се потврдува уредноста на сопствениот простор. Ама за да се потврди, прво треба да се уреди, да не речам исчисти, за да не биам сфатена погрешно. Уредувањето и чистењето, сепак, се добри метафори кои укажуваат на фактот дека идентитетот може да се стабилизира само со осмислена стратегија и добро организирани тактики. Бидејќи, како што велеше Горан Стефановски, идентитетот е приказна. Ние, постојано како да се поврзуваме со погрешните приказни. Па наместо, на пример, да го уредиме прашањето за јазикот со добро осмислен и функционален Закон за заштита на македонскиот јазик, нам ни пречи, на пример, користењето на албанскиот јазик. Ние сме тие, токму такви какви што сме кога фрламе ѓубре на улица, кога се паркираме на места на кои тоа не смее да се прави, кога не ни е баш грижа за пациентите во болница, кога не забележуваме дека децата ни учат непотребни, застарени содржини кои никому не му служат, кога не ја гледаме сиромаштијата на поединците, кога мислиме дека сме поумни од постарите, кога не знаеме да оддадеме почит на традицијата и минатото, уште помалку да се организираме во светот кој се менува, кога ги забораваме луѓето кои се докажале како професионалци, кога не се почитуваме меѓу себе и се делиме на интересни групи за лична корист, кога се откажуваме и креваме раце од сè, затоа што било што ни се чини бессмислено во хаосот во кој дејствуваме.

Но, ние сме исто така и тие кои основаа институции, училишта, изградија патишта, електрична и водоводна мрежа, подигнаа музеи, театри, напишаа истории, кодифицираа јазик, креираа книжевни и уметнички дела, фабрики, претпријатија… Оттука, ние имаме приказни со кои можеме да се поврземе, само ни треба добар автор кој ќе знае како да го организира нараторот во приказната, за дејствието да стане убедливо и логично.

Бугарија континуирано го негира постоењето на македонскиот народ претставувајќи нè како неосвестени Бугари, инсистира на ревидирање на историските учебници, ги присвои сесловенските просветители Кирил и Методиј, преродбениците, Гоце Делчев, Даме Груев, да ги препеа македонските фолклорни песни …Дали смеевме воопшто да дозволиме да се доведеме во оваа позиција, сега да се браниме и докажуваме дека постоиме, дека има македонски народ  и македонски јазик?

Мое право е да мислам и кажувам што сакам. Ако, на пример, во мојата свест весникот ВЕЧЕР е оној од пред 30 години што моите родители го купувале, оној што стоеше на масата во дневната соба, можам да кажам дека весникот „Вечер“ не постои. Така и македонскиот јазик за Бугарите не постои, оти тие си се научени да ги гледаат работите онака како што ги гледаат со децении наназад. Ништо ново за нив. И тоа нас воопшто не треба да нè загрижува. Она што сериозно треба да нè загрижува е зошто, при сите историски факти за посебноста на македонскиот јазик, мислењето на Бугарите станува важно и се наметнува? Одговорот е едноставен, не сме доволно присутни за нашиот глас да биде чуен. А како тоа да се стори бара долга и широка експликација за која тука нема место. Верувам дека ќе има резултат само доколку ова прашање се постави онаму каде што може и треба да се дискутира. И спаѓа во доменот на културните политики и дипломатијата, нешто за што кај нас нема студиска програма, експерти уште помалку, со исклучок на еден или двајца.

Дали интелектуалната елита во Македонија и оние најповиканите требаше да покажат по активна улога во овие процеси?

За колективните (национални) идентитети, меѓу кои прашањето за јазикот е едно од најважните, но не и пресудно, не може да се преговара на индивидуално ниво. Тоа ќе се види и со ефектот што го предизвикаа оние интелектуалци кои што пишуваа, зборуваа, дебатираа. Сето тоа одеше на нивна сметка, стануваа пополурни или ги мразеа или и двете. Тоа некако ми се чини како личен маркетинг, ни одалеку желба нешто навистина да се стори или пак тие немаа свест дека тоа не е вистинскиот начин. Ништо од тоа не отиде на сметка на државната стратегија. Не ни може. Оти се знае како се гради општествен договор – на местата кои имаат моќ да го реализираат, државните институции кои, простете ми на искреноста, спијат, ама па и никој не ги разбудил. Го нема авторот за да го измисли раскажувачот кој ќе им додели соодветни улоги на ликовите.

Ваш став околу последната вест од Грција дека  македонскиот јазик е официјално регистриран од нивните судски власти, кој во нашата јавност се протолкува како историски момент.

На ова можам само да ја употребам народната мудрост и да речеам: Се тресеше гората – се роди глушец! Македонскиот јазик постоел, постои и ќе постои. Воодушевување од баналности не ни е потребно.

Светот не е она што беше. Европа не е она што беше. Европа гради нови граници. Тоа се факти, како што е факт дека изолацијата не е решение. Ние сме дел од европскиот културен простор, таму припаѓаме. Ако мене ме прашате, јас не сакам да се видам како дел од Европа откако ќе исполнам некакви услови кој друг ги скроил, па згора на тоа, тој самиот не ги почитува. Јас сакам да се видам како дел од Европа во која рамноправно ќе учествувам, во која ќе креирам вредности за 21, зошто не и за 22 век и, ќе обединувам.

Алегоријата и гротеската на македонскиот роман е Ваше многу популарно дело. Како би ја опишале алегоријата и гротеската на македонската реалност?

Мислам дека гротеската ги истисна сите нејзини блиски форми, алегорија веќе не постои, ние како да не мислиме на што било па за да го искажеме со други зборови, фантастиката одамна ја прогонивме. Ни остана да ја живееме гротеската, да живееме во рушевините на старите облици од кои не создаваме нови. Всушност, нашата реалност е заробена во тој процес на вечна транзиција. Гростеската е делотворна во кратки временски интервали, колку да ни даде шанса да видиме што од старото е делотворно и важно за во иднината, а што треба да отфрлиме и да го пресоздадеме. Гротеската е форма на добивање време за организирање на новото низ критичко расудување. На долги стази, таа станува „неподнослива леснотија на живеење“, каде што нема Закон, нема норма, сè е дозволено, сè е возможно. Таквата состојба е кретивна само ако од неа излезе подобар Закон, пошироки норми, поправедна распределба. На долги патеки гротеската поминува во насилие и беззаконитост. На долги стази гротескната стварност создава тотална несигурност и неизвесност. Во тој контекст прашањето за јазикот и идентитетот се само манипулативни средтва кои служат за одржување на гротескноста или ако сакате безредието и беззаконието во кое некој профитира на сметка на мноштвото губитници.

Со вакви секојдневни политички притисоци, можеме ли да очекуваме дека некогаш ќе бидеме дел од Европа без граници?

Светот не е она што беше. Европа не е она што беше. Европа гради нови граници. Тоа се факти, како што е факт дека изолацијата не е решение. Ние сме дел од европскиот културен простор, таму припаѓаме. Ако мене ме прашате, јас не сакам да се видам како дел од Европа откако ќе исполнам некакви услови кој друг ги скроил, па згора на тоа, тој самиот не ги почитува. Јас сакам да се видам како дел од Европа во која рамноправно ќе учествувам, во која ќе креирам вредности за 21, зошто не и за 22 век и, ќе обединувам. За доброто на сите – и оние кои се Европа и оние кои не се. Оти, нели рековме, туѓиот двор е местото каде се потврдува уредноста на сопствениот простор. Тоа важи колку за Македонија, толку и за Европа. Светот се менува, Европа не е сама, ниту е доминантна, на тоа сите треба да сметаме кога ги правиме сопствените стратегии, вклучително и Европа.

Од Договорот со Грција, сè тргна во погрешна насока!

Дали, според Вас, со договорите со Грција и со Бугарија се загрозуваат македонскиот јазик и македонскиот народ?

Договорот со Грција беше чекор напред, отстапка што јас ја поддржував и ја поддржувам, зошто мислам дека го направи нужниот компромис. Од тука натаму, сè тргна во погрешна насока. И престанав да следам затоа што и јас се приклучив кон оние што сметаат дека сè е бессмислено. Затоа и немам право да коментирам, не дека немам свој став.

Елизабета АРСОСКА

Фото: Петр СТОЈАНОВСКИ