Македонски супер-ѕвезди на едно место – во Кочани на 26 април – Оскар на популарноста!

246

Се крчка: ВИП-Фолк-вечер – и пред ТВ-камерите….

Сузана Спасовска ќе добие Награда за животно дело, а ќе пеат и брачно-музичката двојка Ленче и Горан Кукиќ, атрактивната Сузана Гавазова препознатлива со своите хитови, како и многу омилените: Јордан Митев, Наум Петрески, Анета Мицевска-Молика,Орде Неделковски, Стојне Николова, Цаки-Кисми, Спасен Силјановски, Елена Андоновска, Влатко Миладиновски…Весникот ВЕЧЕР и Порталот vecer.press ќе бидат дел од овој голем гала настан!

Кочани и источниот дел од Македонија оваа пролет ќе бидат епицентар на сите музички македонски фолк-случувања.

Во луксузниот хотел „Амор“, поточно за 26 април (среда), македонската фолк-елита се подготвува за настан налик на доделувањето „Оскари на популарноста“. Секако дека тоа значи дека меѓу учесниците се голем број најпопуларни македонски фолк-имиња.

-На сцената која, исто така, ќе биде гламурозна налик на оние кои ги гледаме во соседството, бидејќи ќе оди и на програмите на ТВ Алфа и Балкан мјузик-ТВ, ќе пеат многу наши фолк-асови, вели пејачот Благоја Грујовски, уметнички директор на манифестацијата. Тој воедно ќе биде и еден од водителите на овој настан на кој ќе му се придружи водителката Ирена Спировска, со која (на ТВ Алфа) веќе има значајно заедничко искуство во водењето.

Веќе сега се знае дека во Кочани, на 26 април, ќе пеат:  Сузана Спасовска која ќе ја добие Наградата за животно дело, брачно-музичката двојка Ленче и Горан Кукиќ, атрактивната Сузана Гавазова со своите препознатливи хитови, како и многу омилените кај публиката: Јордан Митев, Наум Петрески, Анета Мицевска-Молика, Стојне Николова, Цаки-Кисми, Спасен Силјановски, Елена Андоновска, Орде Неделковски, Влатко Миладиновски, Дамјан Стојаноски… ќе уживаме и во звуците на  хармониката на Сашко Велков, додека постхумна Благодарница за неговиот богат музички опус ќе биде доделена на маестро Милан Завков.

На дел од учесниците ќе им бидат доделени и оние Статуетки на популарноста за изминатата 2022 година. Според сценариото, ќе ги доделуваат некои од нашите најпочитувани и најпознати естрадни новинари кои со години наназад ја следат македонската музичка сцена во своите весници, на порталите или во радијата и телевизиите. Сè е супер осмислено, одлично ќе биде организирано, ништо не смее да фали. Сериозно се зафативме со оваа работа, па очекувам и најдобри реакции како од публиката, учесниците, така и од медиумите, вели расположениот Грујовски.

Дуле Миќиќ / фото:ФБ