Македонски полицајци фатени со дрога во Црна Гора, МВР вели останала во автомобилот од акција во 2016

132
Фото: Управа за приходи и царина Црна Гора

Македонски полициски службеници се фатени со дрога во Црна Гора која била скриена во специјални бункери под седиштата. Од МВР официјално потврдуваат дека се случил настан во кој била најдена марихуана во автомобил што го возеле полициските службеници, но објаснуваат тие не биле поврзани со настанот, туку дрогата останала во автомобилот од акција за запленета дрога во 2016 година. Возилото, како што објаснува МВР им било дадено на користење од Агенцијата за одземен имот, па така, како што велат, дрогата се нашла во автомобилот.

На црногорскиот граничен премин Сукобин во автомобил со регистарски таблички од Северна Македонија, кој се движел од правец на Албанија кон Црна Гора, запленета е дрога во полициско возило. Како што соопшти царинската служба на Црна Гора службеници на царинска испостава во Сукобин во координација со полициската управа, заплениле дрога и спречиле шверц при контрола на автомобил со регистарски таблички од Северна Македонија. Автомобилот се движел од правецот на Албанија кон Црна Гора.

-Службеници во царинската испостава Сукобин, во координација со Полициската управа, при контрола на патничкото моторно возило, пронашле поголемо количество на растителна материја за која постои основано сомнение дека се работи за наркотици. Возилото со регистарски таблички на Република Северна Македонија се движело од правец од Албанија кон Црна Гора, а супстанцијата, спакувана во неколку поединечни пакувања, била пронајдена во скриен бункер на возило наменето за криумчарење, се наведува во соопштението.

Во согласност со протоколот за билатерална соработка, понатамошната постапка ја презела надлежната институција на Република Албанија.

Од МВР го потврдија случајот и велат дека се работи за вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. Тие се упатиле на обука во Црна Гора, и за патување до таму задолжиле службено возило од авто паркот на МВР, кое инаку МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016 година. Кога стигнале на границата меѓу Албанија и Црна Гора, во возилото била пронајдена марихуана, која била скриена во бункер.

Но, вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде пак е отстапено на МВР. Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје, а за целиот случај го известивме и нашето јавно обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот, се вели во одговорот што го доби весникот ВЕЧЕР од МВР.