Преку фестивалот за краткометражни филмови „Balkans beyond borders“, љубителите на филмови во Атина, од 1 до 4 декември, имаа можност да уживаат во проекции од повеќе земји, меѓу кои и македонските „Solo mode“ на Тамара Котевска, „Wigs“ на Ангела Димеска, „Living in a bubble“ на Никола Дрвошанов и „Dust flowers“ на Мирослава Илиќ

Четири македонски краткометражни филмови беа прикажани викендов пред љубителите на филмови во Атина, а кои се дел од фестивалот „Balkans beyond borders“. Фестивалот за краткометражни филмови „Balkans beyond borders“ со остварувања од повеќе земји, во октомври годинава се одржа во Битола, а два месеца подоцна филмовите отпатуваа во Атина, што е проект поддржан од македонската амбасада во Грција.

Публиката во киносалата имаше можност да ги погледне филмовите „Solo mode“ на Тамара Котевска, „Wigs“ на Ангела Димеска, „Living in a bubble“ на Никола Дрвошанов и „Dust flowers“ на Мирослава Илиќ, а пред почетокот на проекциите публиката ја поздрави македонската амбасадорка во Грција, Лидија Бошковска, која се осврна и на големата филмска традиција на Битола, градот што беше домаќин на 13. издание на „Balkans beyond borders“.

Директорката на Фестивалот Василики Малтасоглу, како и нашата амбасадорка во Грција, Лидија Бошковска, ја истакнуваат важноста на Фестивалот, како за промоција на самите филмови, така и за соработката меѓу двете земји.

Амбасадорката посочи дека е особено позитивен фактот што беше овозможено публиката во Атина да ги види проекциите и да се запознае со македонскиот краткометражен филм.

-Филмскиот фестивал „Balkans beyond borders“ за С Македонија е од особено големо значење, затоа што во Атина, за жал, на културно ниво сме многу малку присутни и ова е една исклучителна можност да се види македонско говорно подрачје, друга димензија е можноста да се следи алтернативен филм, бидејќи не е тоа класичен долгометражен филм, а третата димензија е што ги промовира младите автори што сега се докажуваат на сцената и како режисери и како сценаристи, а и во драмскиот дел како актери, вели амбасадорката Бошковска.

Директорката на Фестивалот, Василики Малтасоглу, објаснува дека „Balkans beyond borders“ секоја година патува во различен град, а за 13. издание нивната соработка била со Битола, при што традиционално краткометражните филмови ги носат и во Атина.

Преку проекцијата на македонските краткометражни филмови, во соработка со „Синедејс“од Скопје, Малтасоглу вели дека целта е да се истакне соработка што може да претставува мост меѓу двете земји.

-Целта на Фестивалот уште од самиот почетокот беше да ги приближиме балканските народи бидејќи видовме дека постои непознавање меѓу народите и единственото што во суштина постои се стереотипи кое сакаме да го побиеме. Па така, со помош на краткометражните филмови сакаме да ја постигнеме оваа цел. Филмовите се еден многу лесен начин на гледачот да му донесеме една друга реалност и во исто време да ги спореди неговите искуства со она што го гледа, па така полека да ги проширува своите хоризонти и знаења. Ова се обидуваме да го постигнеме сите овие години и затоа патуваме низ Балканот, истакнува директорката на Фестивалот.

Во однос на тоа колку оваа цел е постигната, Малтасоглу објаснува дека краткометражните филмови не се нешто што е многу познато за публиката, меѓутоа продолжуваат со нивните напори. Потенцираше дека како организатори се задоволни и од приемот и од соработката во Битола.

-Сакаме да ја задржиме соработката. Соработката со амбасадата на С Македонија ја сметаме за почеток за дополнителни активности, па дури можеби да има проекција и на долгометражен филм во Атина. Можат да се направат многу работи. Ова е почеток за други заеднички активности во Грција, истакнува Малтасоглу.

Амбасадорката Бошковска, пак, објаснува дека проектот за одржувањето на „Balkans beyond borders“ во Атина, амбасадата го помогна во соработка и со Министерство за надворешни работи и со Министерството за култура.

По проекцијата на македонските краткометражни филмови во неделата се одржа и свечено затворање кое беше организирано од македонската амбасада во Грција.

-Ова е 13. издание на „Balkans beyond borders“, нашата амбасада го спонзорираше целиот овој настан меѓу другото и со овој свечен, неофицијален дел. Тука би ја истакнала улогата и на нашиот Директорат за јавна дипломатија, што опфаќа и културна дипломатија, и тука би рекла дека во многу краток период ни се случија два многу убави настана од областа на културата. Покрај овој фестивал, пред неколку дена, нашата Теона Стругар Митевска беше наградена од Panorma of European Cinema од стручното жири за нејзиниот филм „Најсреќниот човек на светот“, истакна амбасадорката Бошковска.

Оваа година, од 19 до 22 октомври, домаќин на Фестивалот „Balkans beyond borders“ беше Битола, а првата награда за филмот од Словенија ја спонзорираше  Министерството за култура.