Граѓанската платформа Македонски концепт најави подготвеност за учество на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април годинава. На граѓанскиот собир насловен “Чекор напред!”, одржан вчера во Скопје, пред повеќе поддржувачи на оваа платформа беше прокламиран и “Граѓанскиот Манифест” на Македонски концепт, којшто ги поставува основите и целите на идното политичко дејствување.

– Цврсто демонстрираме подготвеност да одиме на избори! Ќе покажеме дека сме уникатна понуда, многу поразлична од досегашните. Нашиот концепт, нашиот македонски концепт, се нови лица, нова генерација, коишто со посветеност, стручност, издржани и свежи идеи, ќе докажат дека заеднички можеме да создадеме држава во којашто граѓаните се секогаш на прво место и која е економски и политички стабилна. Ќе понудиме нови идеи, нови проекти коишто ги решаваат проблемите, кои ќе пркосат на личните интереси, проекти чија реализација ќе значи ефективно и ефикасно решение, а не политичка импровизација или манипулација, најави Петар Богојески, промоторот на Македонски концепт.

Правејќи паралели како „македонските Илиндени си имаа свои Манифести“, беше прокламиран Граѓанскиот Манифест на Македонски концепт, којшто ги детерминира столбовите на идното политичко делување, како што се: заложбите за нормална држава, за фер општество, за европеизација, за деидеологизација, за нова генерација, за одговорно управување, за слободен човек, за законитост, за правдина, за политички дијалог, за економски развој и претприемништво, за образование и култура и за здрава нација,пренесе МИА.

– Ние нема да прифатиме да бидеме „трета политичка“ опција. Нашата посветеност е да бидеме прва и единствена опција, бидејќи втората не претставува ништо друго, туку мафија или опција кај која доминираат лични и партиски, а не национални и државни интереси. Нашата цел е да создадеме нормална држава!, рече Богојески.